• среда, 25 декември 2024

Бизнисот против замрзнување на цените, смета дека државните резерви се подобар механизам

Бизнисот против замрзнување на цените, смета дека државните резерви се подобар механизам

Скопје, 29 март 2023 (МИА) - Замрзнувањето на цените не е пазарна мерка, а ако Владата сака да интервенира за да го заштити населението, треба да ги активира стоковните резерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам, изјави денеска извршниот директор на Стопанската комора Антони Пешев.

Според Пешев, економиите во светот имаат поинаков пристап и проблемот не го решаваат со замрзнување на цените. Подобро е, рече, да се субвенционира делот од населението на кое тоа навистина му е потребно, но и да се помогне со директно намалување на царините, со помош при увозот на репроматеријали, со субвенционирање на електрична енергија, со механизми кои го прават домашното производство поконкурентно.

-Владата посегна по оваа мерка, сакајќи да го намали притисокот на населението кое се најде во економски проблеми, но јас мислам, а и вие слушнавте, дека сите економии во светот малку поинаку му приоѓаат на проблемот. Ние се залагаме токму за тој принцип - да не одиме со замрзнување на цените, туку со субвенционирање на она население на кое тоа навистина му треба. Замрзнувањето на цените непотребно ги става компаниите чии производи се замрзнати во неповолна економска позиција, а производите се продаваат и на оние групи население на кое таа разлика во цена не им значи ништо. Затоа, многу повеќе ги почитуваме мерките на Владата кои се однесуваат на директна интервенција во делот на намалување на царините, помош при увозот на репроматеријали, субвенционирање на електрична енергија и механизмите кои го прават домашното производство поконкурентно, отколку директно замрзнување на цените, напомена Пешев, одговорајќи на новинарски прашања пред Македонско-австриските бизнис-средби во Комората.

Замрзнување на цените, потенцира, е мерка која не може да трае долго, а по нејзиното завршување повторно ќе има поскапувања.

-Оваа мерка не може да трае долго и по нејзиното завршување повторно ќе го имаме проблемот со зголемување на цените. Во меѓуврме, пак, компаниите чии производи биле опфатени со замрзнувањето на цените, изгубиле многу пари. Затоа ние секогаш се залагаме за пазарни, а не за популистички мерки, подвлече извршниот директор.

На прашањето дали ова го искомуницирале со Владата, тој одговори потврдно.

-Да, апсолутно. Се појавивме со неколку изјави, но Владата има право да ги замрзне цените. Сепак, повторно ќе напоменеме, има механизми кои не се доволно искористени, а тоа се државните рзерви кои секогаш во ваква ситуација се покажуваат како подобар механизам од замрзнувањето на цените. Владата би требало, ако сака да интервенира, да го засили влијанието на пазарот со свое влегување преку „базенот“ кој се вика државни резерви, подвлече Пешев.

Во Австрија нема ограничување или замрзнување на цените. Се дискутирало само за замрзнување на цените на недвижнините и станарините (наемнините) при што се утврдило дека е подобро да им се даваат донации/дотации на граѓаните со кои би им се помогнало да ги платат овие давачки.

Според Рихард Бандера, регионален менаџер за Југоисточна и Источна Европа и за Централна Азија, втора клучна тема во Австрија се енергетските трошоци. 

-Воведовме помош на домаќинствата за покривање на енергетските трошоци. Тоа се неколку стотини евра што не се големи средства, но сепак беше чекор напред во поддршката кон граѓаните. Дадовме поддршка и на претрпијатијата кои имаат интензивна потрошувачка на енергија. Тоа се оддолжи малку, но во период од повеќе месеци добија поддршка, рече Бандера.

Вчера став околу замрзнувањето на цените искажа и Сојузот на стопански комори (ССК) според кој, исто така, се работи за непазарна мерка.

-Секое замрзнување на цените има позитивни и негативни консеквенци. На 8 септември 1991 година граѓаните на државава гласаа за независност, за слободна економија, за слободен пазар. Слободниот пазар е одлика и придобивка на таа независност и ние генерално преферираме слободен економски пазар, но Владата има свој делокруг на делување и доколку така смета, најубаво треба да објасни каква и е идејата, што сака да постигне, дали е тоа од времен карактер, колку време би траело, изјави претседателот на ССК, Трајан Ангелоски. мч/са/

 

 

 

Остани поврзан