Бест мобилити: Превозниците наскоро може да очекуваат решавање на дел од проблемите во меѓународниот транспорт
- СООПШТЕНИЕ- На средбата, одржана неодамна во Брисел, меѓудругото станало збор и за горливиот проблем на превозниците од регионов во врска со изземање на возачите од правилото 90 дена безвизен престој во ЕУ во период од 180 дена, но и за многу други проблематични транспортни прашања.
Скопје, 22 јануари 2025
Македонските патни превозници и нивните колеги од регионов, од земјите кои не се во ЕУ, наскоро треба да очекуваат разрешување на дел од
проблемите во меѓународниот патен транспорт, кои го оптоваруваат нивното работење. На ваков заклучок упатуваат некои изјави од преставници на
ЕУ, односно на Европскиот парламент и Европската комисија, дадени на средба со делегација на меѓународната транспортната асоцијација
БСЕЦ-УРТА, која е Унија на патни транспортни асоцијации во регионот на економска соработка на Црното Море, а во која членува и БЕСТ МОБИЛИТИ –
НТА, македонската транспортна асоцијација која е гласот на македонски транспортни оператори, вклучени во меѓународниот патен транспорт.
На средбата, одржана неодамна во Брисел, меѓудругото станало збор и за горливиот проблем на превозниците од регионов во врска со изземање на
возачите од правилото 90 дена безвизен престој во ЕУ во период од 180 дена, но и за многу други проблематични транспортни прашања.
- Делегацијата на БСЕЦ-УРТА, предводена од претседателот Едуaрт Каса, се сретна со Елисавет Воземберт, претседател на Комитетот за транспорт и
туризам во Европскиот парламент и член на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи на ЕП и со Апостолос Цицикостас,
европски комесар за одржлив транспорт и туризам, при што ги информираше високите претставници на ЕУ во врска со предизвиците со кои се соочува
транспортната индустрија во регионов – вели Оливера Миовска, потпретседател на BSEC-URTA, која инаку ја предводи македонската транспортна асоцијација БЕСТ МОБИЛИТИ – НТА.
-Притоа, јасно го аргументиравме нашиот став за изземање на возачите од општите правила за влез во ЕУ, а што е привилегија што ја имаат
екипажите во поморскиот, авионскиот и железничкиот транспорт. Дискутиравме и за проблемите на границите, со акцент на граничните
премини Србија – Хрватска (затварање на граничниот премин Шид), Турција – Грција (неопходно подобрување на инфраструктурните капацитети на
граничниот премин Кипи), и Турција – Бугарија (дезинфекција на возила), Турција – Грција и Турција – Бугарија. Нагласивме дека ако овие проблеми
продолжат, транспортната индустријата во овој дел на Европа ќе нема одржливост. Ова, иако постојат позитивни практики на зелени ленти,
one-stop-shop, поедноставени постапки со AEO*, кои значително придонесуваат за забрзување на граничното преминување.
Г-ѓа Возенберг и претставниците од нејзиниот кабинет, се согласија дека визното прашање и застојот на границите се голема пречка за одржливиот транспорт. Добивме ветување дека ќе се заложи, користејќи ги нејзините ингеренции за решавање на овие состојби и организирање на Јавно сослушување пред ЕП, каде претставник од БСЕЦ-УРТА ќе има свое обраќање. А, како претседавач на Транскомитетот, Воземберг ни даде ветување дека визите и проблемите на граничното преминување ќе ги стави високо на својата агенда и ќе се залага за итно решавање – истакнува Миовска.
-На состанокот со еврокомесарот Цицикостас и неговиот кабинет беа претставени состојбите во транспортот и предизвиците со кои се соочуваме, при што истакнавме дека во ЕЕC системот за влез-излез во земјите на ЕУ возачите треба да бидат посебна категорија на мобилни работници, прекугранични работници, со еден збор професионални возачи и како такви да имаат посебни визи без ограничување на престој во ЕУ.
Наидовме на разбирање, поддршка и ветување дека ова барање, како еврокомесар за транспорт и туризам ќе го достави до DG HOME**, под чија
надлежност е визното прашање. И двајцата високи претставници од ЕУ се согласија дека возачите во патниот транспорт треба да бидат признаени
како професија меѓународен возач и да имаат слични права како во другите транспортни видови: железничкиот, бродскиот и авионскиот, во однос на
патувањето и престојот на територијата на ЕУ – наведува Миовска.
-Пораката од овие средби, што во почетокот на неделава ја пренесовме и до нашето Министерство за транспорт, e јасна и дава оптимизам за
остварување на нашата цел. Верувам дека напорите направени од делегацијата на БСЕЦ-УРТА ќе доведат до значајни промени во однос на
олеснување на граничното преминување и признавањето на професијата меѓународен возач и на меѓународниот транспорт воопшто – додава Миовска.
Бест мобилити
________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.