• вторник, 24 декември 2024

Белгиски министер предлага легализација на марихуаната како начин за справување со проблемот со дрогата во Белгија

Белгиски министер предлага легализација на марихуаната како начин за справување со проблемот со дрогата во Белгија

Брисел, 2 септември 2023 (МИА) - Решение за проблемот со дрогата и безбедноста во поголемите белгиски градови, како Брисел и Антверпен, би можело да биде легализирање на продажбата и употребата на канабис, изјави министерот за економија и вработување на Белгија, Пјер-Ив Дермањ.

- Кога зборуваме за проблемот со дрогата во Белгија, на ум ни доаѓа радикална реформа: мораме да размислиме за легализација на канабисот. Ако ги погледнете нашите соседи, три од четирите веќе го направија тоа - Холандија, Луксембург и неодамна Германија, изјави Дермањ за белгискиот весник „Морген“.

Според него, повеќе нема смисла постојано да се бара од полицијата да ги гони корисниците на канабис и да ги апси, бидејќи, како што оцени, „таа репресија не функционира“.

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, одгледувањето или поседувањето марихуана претставува кривично дело во Белгија, за што се предвидени парични и затворски казани. Но, во пракса не се преземаат казнени мерки доколу сторителот е постар од 18 години, ако марихуаната е наменета за лична употреба, односно се поседува под три грама и ако нејзиното поседување не создава „отежнувачки околности или нарушување на јавниот ред“.

Белгискиот Закон за наркотици е стар 101 година и досега повеќепати е разговарано за негова измена.

Лани градоначалникот на Брисел, Филип Клоз, побара декриминализација на употребата на канабисот во Белгија, како прв чекор кон негова легализација.

Но, според Дермањ, кој како и Клоз е член на франкофонската Социјалистичка партија (ПС), декриминализирањето на употребата на канабис нема никаква смисла.

- Треба да го легализираме за да го организираме одгледувањето и продажбата, со што ќе се генерираат и приходи за државата, изјави Дермањ.

Тој додаде дека според анализата на Универзитетот во германскиот град Дизелдорф, легализацијата на марихуаната во Германија, во државниот буџет ќе носи годишен приход од 4,7 милијарди евра, додека на Белгија таква одлука би и носела околу 660 милиони евра годишно.

- Тоа се пари кои можат да се искористат за полицијата, правосудството и превенција, истакна Дермањ.

Сепак, тој нагласува дека е свесен за „социјалната штета што веќе ја предизвикуваат легалните дроги, како алкохолот и тутунот“ и знае дека канабисот „не е невин“. 

- Имам две деца кои влегуваат во пубертет, свесен сум и за здравствениот проблем што го носи канабисот. Но, тука не се работи за промоција на канабисот. Сепак, треба да бидеме реални: канабисот е сеприсутен и е општествено прифатен. Не можете да одите на летен фестивал, а да на почувствувате мирис на „џоинт“, истакна Дермањ.

Тој смета дека забраната на марихуаната нема да и помогне на земјата „да оди напред“, додавајќи дека легализацијата е „прашање на здравиот разум“. 

- Тоа би ни овозможило подобро да ги евидентираме корисниците, да забраниме нејзина продажба на малолетници, да преземеме важен дел од приходите од криминалното подземје, вклучително и од терористите, и да и овозможиме на полицијата да се фокусира на поголеми проблеми. Тешките дроги како што се кокаинот и крекот се многу поштетни за здравјето и за нашето општествено ткиво, потенцира белгискиот министер.

На идејата на Дермањ, реагираше лидерот на франкофонското либерално Реформско движње (МР), Жорж-Луј Буше, кој изјави дека неговата партија не поддржува декриминализација или легализација на канабисот.

Според Буше, чија партија е дел од белгиската владина коалиција, оцени дека сега не е време „да се испраќа таков сигнал до граѓаните“.

- Ова доаѓа во погрешно време, кога употребата на наркотици, особено на тешки дроги, создава проблеми во градовите. Сега не е време да се испраќа сигнал за декриминализација и за опуштање, изјави Буше за радиото Бел-РТЛ. сп/са/

Фото: Фејсбук / Икс

Остани поврзан