Белгиските медиуми за трагедијата во Кочани
- Пожарот што минатата ноќ се случи во дискотеката во Кочани денеска е ударна вест во белгиските медиуми.

Брисел, 16 март 2025 (МИА) - Пожарот што минатата ноќ се случи во дискотеката во Кочани денеска е ударна вест во белгиските медиуми.
„Северна Македонија: Во пожар во ноќен клуб загинаа најмалку 51 лице“, „Најмалку 51 загинат и 100 повредени во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија“, „Над 50 загинати во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија: Што знаеме за околностите на трагедијата“, „Десетици загинати во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија“, „51 загинат и над 100 повредени во голем пожар во ноќен клуб во Северна Македонија“ „Најмалку 51 загинат и 152 повредени по пожар во дискотека во Северна Македонија: Пекол предизвикан од уред за огномет“, „Најмалку 51 загинат во пожар во дискотека во Северна Македонија, сопственикот е уапсен“, „Најмалку 50 загинати и стотина повредени по пожар во ноќен клуб во Северна Македонија причинет од огномет“, „Во пожар во ноќен клуб во Кочани во Северна Македонија загинаа 51 лице“ и „51 загинат и десетици повредени во пожар во ноќен клуб во Северна Македонија“ се дел од насловите во белгиските медиуми за извештаите за пожарот.
Електронското издание на весникот „Соар“, повикувајќи се на МИА, наведува дека во пожар во ноќен клуб во Кочани во источниот дел на Северна Македонија загинаа најмалку 51 лице, а повеќе од 100 се повредени. Весникот наведува дека трагедијата се случила на концерт на кој присуствувале околу 1.500 луѓе.
Белгискиот радиодифузен сервис на француски јазик РТБФ информира дека пожарот во „преполниот ноќен клуб „Пулс“ во Кочани“ за време на настапот на „многу популарната хип-хоп група во земјава“ ДНК, најверојатно бил предизвикан од „искри од пиротехнички средства употребени за време на концертот“.
РТБФ додава дека на видеа објавени на социјалните мрежи снимени пред пожарот се гледаат „млазници од искри, еден вид огномет што се користи за време на концертите во затворен простор“. - На други видео снимки се гледа како огромен пламен излегува од објектот, а потоа и возила за брза помош пред влезот на ноќниот клуб, кој беше поцрнет од пламените јазици, се наведува во извештајот.
Белгискиот радиодифузен сервис на холандски јазик ВРТ, пак, пренесува дека се верува оти жртвите се на возраст меѓу 14 и 24 години, како и дека околу 1.500 луѓе купиле билет за да присуствуваат на концертот.
Според ВРТ, се уште не е познато како избувнал пожарот, но се претпоставува дека до него дошло од „искри на бината кои можеби го запалиле таванот, кој бил направен од многу запалив материјал“.
Медиумот додава дека полицијата започнала увид, а пренесува и изјава на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека полицијата „ја очекува сета помош што и е потребна“, како и дека „Владата е целосно мобилизирана и ќе направи се што е потребно за да се решат последиците и да се утврдат причините за оваа трагедија“.
Порталот „7сур7“ пренесувајќи детали за трагедијата наведува дека премиерот Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук напиша дека „ова е тежок и многу тажен ден за Македонија“ и дека „загубата на толку многу млади животи е ненадоместлива, а болката на семејствата, најблиските и пријателите е неизмерна“.
Изданието додава и дека соседните земји Бугарија и Албанија и понудија помош на Северна Македонија „за згрижување на повредените или за обезбедување каква било друга неопходна помош“.
За настанот известува и весникот „Либр“, исто така повикувајќи се на МИА, додека порталот „Судинфо“ пренесувајќи детали за трагедијата наведува дека „ова се страшни вести кои доаѓаат од Северна Македонија“.
Весникот ХЛН, пак, пренесува изјава на министерот за здравство Арбен Таравари дека при пожарот повредени се 152 лица, меѓу кои десетици од нив се префрлени во болниците во Штип и Скопје, бидејќи локалната болница немала доволно капацитет.
- Локални жители со своите автомобили ги следеа амбулантни возила што ги пренесуваа тешко повредените во болница. Според локалните медиуми, родителите објавиле и фотографии од своите деца на социјалните мрежи во очајнички обид да ги најдат, додава весникот.
ХЛН наведува дека „овој пекол“ ги навраќа сеќавањата на големиот пожар што се случи во ноќен клуб во романскиот главен град Букурешт во октомври 2015 година, кога загинаа 64 лица, а 145 беа повредени. - Набрзо, тогашниот премиер Виктор Понта поднесе оставка под притисок на јавноста, потсетува весникот.
Весникот „Стандард“ наведува дека ноќна забава во дискотека во Кочани заврши со трагедија, додавајќи дека објектот во кој е сместен клубот „неколку часа гореше како факел“.
Изданието посочува дека сопственикот на клубот е уапсен, а пренесува и изјава на 22-годишна девојка присутна на концертот, кој ја загубила својата сестра во хаосот. - Не можеме да ја најдеме во ниту една болница, вели девојката.
Весникот „Морген“ пренесува дека пожарот бил предизвикан од уред за огномет дизајниран да дава специјални ефекти за време на концерти, додавајќи дела од искрите се запалил таванот, по што огнот се проширил на покривот на клубот.
„Еуроњуз“ пренесува дека на видеата објавени на социјалните мрежи се гледа „хаосот во ноќниот клуб“ и „млади како трчаат низ чадот, додека музичарите ги повикуваат да избегаат што е можно побрзо“.
- Тоа е најголема трагедија во последно време во земјата без излез на море, со население помалку од два милиони, додава „Еуроњуз“.
Бриселскиот портал „Политико“ наведува дека Јавното обвинителството започнало истрага за „огромниот пожар“ во ноќниот клуб, додавајќи дека обвинителите собираат докази.
Порталот информира и дека членовите на семејството се собрани пред болниците и општинската зграда во Кочани и „ги молат властите за повеќе информации“.
„Политико“ додаваа дека поради трагедијата, премиерот Мицкоски го откажа патувањето во Црна Гора, каде требаше да присуствува на состанок на Европската народна партија. сп/аа/
Фото: ЕПА