• четврток, 06 март 2025

Белата куќа за демократите: Најсрамниот момент во историјата на претседателските обраќања

Белата куќа за демократите: Најсрамниот момент во историјата на претседателските обраќања


Вашингтон, 6 март 2025 (МИА) - Белата куќа остро ги критикуваше демократите, обвинувајќи ги за „срамно“ однесување кога го изразија своето противење за време на говорот на американскиот претседател Доналд Трамп во Конгресот еден ден претходно. „Однесувањето на демократите беше целосно срамно и покажа колку сериозно не се во контакт со американската јавност. Тоа беше најсрамниот момент во историјата на претседателските обраќања во таа прекрасна сала“, изјави портпаролката Каролин Левит. Таа нагласи дека демократите сакаат „да ја стават Америка на дното на нивните приоритети“, нарекувајќи ги партија на „лудило и омраза“.

Поттикната од прашањата на претставниците на медиумите блиски до Трамп и се поприсутни во Белата куќа, таа ги обвини демократските пратеници дека не станале да им аплаудираат на луѓето кои американскиот претседател ги покани да ги илустрира своите политички приоритети со големи емоции, јавија американските медиуми.
„На демократите им недостига почит кон Американците и синоќа станаа само за да и аплаудираат на Украина, но не и на Америка“, рече Левит.

Неколку минути по говорот за општата политика на Трамп, демократот Ал Грин стана и му рече на претседателот: „Немате мандат“ да ја намалите јавната потрошувачка. Одбивајќи повторно да седне, тој беше отстранет од Конгресот. Неколку пратеници, исто така, ја напуштија салата пред крајот на говорот, најдолг од таков вид.

Еден час и четириесет минути Доналд Трамп најмногу ги фалеше своите одлуки за имиграцијата, опширно ги пофали постапките на Илон Маск за реформирање на државниот апарат, оценувајќи дека првиот месец од неговиот мандат е најуспешен во американската историја и дека досега неговата администрација направила повеќе од кој било друг во четири цели години. зш/
фото ЕПА

Остани поврзан