• сабота, 23 ноември 2024

Бектеши: Додека сум јас министер за економија не може да се случи продажба на АД ЕСМ

Бектеши: Додека сум јас министер за економија не може да се случи продажба на АД ЕСМ

Скопје, 15 март 2024 (МИА) - Согласно Стратегијата за развој на енергетиката и официјалните документи што ги носи Министерството за економија не е предвидена продажба на АД ЕСМ, туку е предвидено спротивното - ЕСМ да ги зајакне своите капацитети со цел да биде стожер на енергетскиот сектор во нашата држава. Дали во иднина би отишло на продажба ЕСМ или не, тоа не знае ниеден од нас, истакна денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

-Додека јас сум министер за економија и член на владата тоа никогаш не може да се случи. Но, и јас ако не сум, ако е мојата политичка партија ДУИ е во владата пак нема да се случи. Ако некој друг има некоја опција нека ја презентира пред граѓаните јавно и граѓаните нека одлучат дали сакаат да се продава ЕСМ или не, рече Бектеши во одговор на прашање при денешното одбележување на Светскиот ден на потрошувачите.

Додека е министер за економија, како што кажа, ќе се случи спротивното, ќе се зајакнат капацитетите на ЕСМ.

-Нашата политика е дека треба да имаме домашно производство, домашни капацитети се со цел да им излеземе во пресрет на граѓаните за да има пониски цени. Ако одредени други субјекти имаат други политики нека излезат и нека ги презентираат пред граѓаните, па тогаш граѓаните ќе одлучат, посочи Бектеши.

Прашан до каде е постапката на ДКСК за иницијативата на Владата за меѓународна арбитража за ТЕЦ Неготино и дали го контактирало Обвинителството во однос на нивната иницијатива, рече дека ни ДКСК, ни Обвинителството не го контактирале Министерството за економија ни при добивање на информации. 

-Министерството за економија преку медиумите слушна дека е вклучено, дека има одредени индиции кои се целосно погрешни и спротивни на законските одредби и надлежностите кои ги имаат институциите. Во делот на мазутот ОКТА е продадена во 1999 година, двете арбитражни постапки кои се изгубени од страна на државата кон ОКТА се до 2013 година што значи дека овие луѓе кои моментално се во Секторот за енергетика и ова раководство на Министерството за економија не би можело да има никакво влијание. Во минатото, но и сега во моментов арбитражните постапки се водат од Координативното тело со кое претседава вицепремиерот за економски прашања и сите документи и целата комуникација меѓу институциите се води од тој кабинет. Затоа ние во Министерството за економија таму каде што можеме да придонесеме даваме информации, а воедно за ова немаме информации, прецизира Бектеши.вј/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан