• среда, 25 декември 2024

„Безбедноста на прво место-Вози одморен“, вчера казнети 170 пијани и 556 возачи кои возеле пребрзо

„Безбедноста на прво место-Вози одморен“, вчера казнети 170 пијани и 556 возачи кои возеле пребрзо

Куманово, 25 јули 2021 (МИА) - Полициски службеници од СВР Куманово, претставници од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, од општинскиот совет и училишните сообраќајни единици денеска на градскиот плоштад во Куманово на случајните минувачи и возачи им поделија летоци и вода во рамки на превентивна активност на МВР и РСБСП „Безбедноста на прво место – Вози одморен!“.

Преку активноста во рамките на летната кампања, надлежните ги потсетија возачите за влијанието на заморот и високите летни температури на способноста за управување со моторно возило. Вчера на подрачјето на државата имало 556 возачи кои возеле пребрзо, некои со над 50 km/h над дозволентото. Санкционирани биле и 170 возачи кои возеле под дејство на алкохол.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски рече дека преку кампања се подига свеста кај граѓаните, за  поголема безбедност на сообраќајниците.

- Особено во летниот период кога се зголемува бројот на жртви во сообраќајот, гледано наназад низ годините. Анализите покажуваат дека јули и август се критични месеци кога мораме да обрнеме повеќе внимание во однос на почитување на сообраќајните правила и прописи, изјави Ангеловски.

Тој информираше дека продолжуваат и репресивните активности на МВР.

- Апелирам до граѓаните да ни се приклучат во оваа кампања и да ни се приклучат во почитувањето на сообраќајните правила и прописи, така ја зголемуваме својата безбедност и безбедноста на најмилите. Мора да ја менуваме свеста кај граѓаните, повика Ангеловски.

Вчера на територијата на СВР Куманово санкционирани се 26 возачи под дејство на алкохол и 69 возачи кои ги прекршувале правилата за ограничување на брзината.

Од РСБСП укажаа на ризикот на кој се изложува еден возач доколку управува моторно возило под дејство на алкохол и доколку не се прават паузи за време на патувањата. Претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска, повика да не се занемарува заморот при патување, возачите да одмараат, да се освежат со безалкохолни пијалаци.

-Со помош на таканаречени „Пијани очила“, кои симулираат перцепција на лице под дејство на алкохол, се обидуваме да им укажеме на возачите за тоа какви се нивните физички способности кога консумираат алкохол и колку е опасно да се учествува во сообраќај под дејство на алкохол, рече Кожуваровска.

Брзото возење и возењето под дејство на алкохол исто така се во групата на главни причинители на сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици и токму затоа, надлежните во рамките на „Летната кампања 2021“, МВР и РСБСП посветуваат г внимание на овие ризик фактори. Од МВР посочија дека ќе има нула толеранција за лица кои возат под дејство на алкохол.ам/бт/

Остани поврзан