Бајден ги намали казните на околу 1.500 лица за еден ден
- Американскиот претседател Џо Бајден одлучи да ги намали казните на околу 1.500 лица кои беа ослободени од затвор и се во домашен притвор за време на пандемијата на коронавирусот како и да помилува 39 Американци осудени за ненасилни злосторства.
Вашингтон, 13 декември 2024 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден одлучи да ги намали казните на околу 1.500 лица кои беа ослободени од затвор и се во домашен притвор за време на пандемијата на коронавирусот како и да помилува 39 Американци осудени за ненасилни злосторства. Тоа е најголемиот број на намалени казни и помилувања во еден ден во модерната американска историја, јавија американските медиуми.
Се намалуваат казните за лицата кои најмалку една година биле во домашен притвор откако излегле од затвор. За време на пандемијата, вирусот брзо се ширеше во затворите, а некои затвореници беа пуштени во домашен притвор, делумно за да се спречи ширењето на инфекцијата. Во еден момент, секој петти затвореник имал Ковид-19, наведуваат американски медиуми.
Бајден најави дека ќе преземе повеќе чекори во наредните недели и ќе продолжи да ги разгледува барањата за намалување на казните и за помилување.
Претходно, поранешниот претседател Барак Обама го држеше рекордот по бројот на ублажување на казна и помилување во еден ден – 330. Како и Бајден, тој ја донесе одлуката непосредно пред да ја напушти функцијата во 2017 година. мс/
фото: ЕПА