• сабота, 23 ноември 2024

„Банана филм“: Ниту еден надлежен орган не утврдил неправилности во нашата работа, Агенцијата за филм работи незаконски

„Банана филм“: Ниту еден надлежен орган не утврдил неправилности во нашата работа,  Агенцијата за филм работи незаконски

Скопје, 19 мај 2023

Агенцијата за филм лаже дека инспекцијата на Министерството за култура нашла неправилности во работата на „Банана филм“, за да го дефокусира вниманието од нејзиното незаконско работење и како одмазда затоа што нивниот криминал е пријавен до надлежните институции.

Ниеден надлежен орган не утврдил неправилности во работата на „Банана филм“ и ниту еден надлежен орган во моментов не води постапка против оваа продуцентска куќа. Напротив, неколку институции веќе заклучиле дека Агенцијата за филм работи незаконски.

Според Записникот на инспекцијата на Министерството за култура од 4 април 2023 година, инспекторот јасно и недвосмислено утврдил дека нема неправилности во  работата на „Банана филм“, поради што и ја запрел постапката за инспекциски надзор.

Записникот вели: „Не е утврдено ненаменско или спротивно на договорот користење на средства добиени од Агенцијата за филм, од причина што корисникот на средствата се придржувал кон финансискиот и оперативен план согласно Законот за филмска дејност“.

Да потсетиме дека инспекцијата на Министерството за култура ја разгледуваше работата на „Банана филм“ по барање токму на Агенцијата за филм. Ги повикуваме медиумите и јавноста да побараат коментар од самото Министерство или да го побараат записникот ИП.бр.57-27 од 04.04.2023 година и да заклучат на дело како Агенцијата лаже.

Филмовите на „Банана филм“ се резултат на меѓународни копродукции и поминуваат со позитивни оценки низ домашни и странски ревизии, како и на паневропскиот фонд Еуримаж, и низ инспекција на Министерството за култура.

Истакнуваме дека имаме добиено и позитивен извештај токму од истата таа Агенција за сите наши филмови – „Мајки“ (2010), „Врба“ (2019) и „Кајмак“ (2022).

Групата која сега незаконски владее со Агенцијата за филм ја пласира лагата за наводни неправилности во „Банана филм“ за да го дискредитира најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски и неговите домашни и меѓународни успеси кои се без преседан во современата македонска култура.

Оваа кривична пријава е поднесена со цел да се оправдаат најмалку две незаконски постапки на Агенцијата – незаконското одбивање да се доисплатат средствата кои според правосилниот договор Агенцијата ѝ ги должи на „Банана филм“ за завршениот филм  „Кајмак“ кој од минатата година со успех го обиколува светот, како и незаконското одбивање на Агенцијата да потпише договор за проектот на „Банана филм“, „Биста“, кој беше поддржан како филм од национален интерес на конкурсот на истата таа Агенција од мината година.

Лагата на Агенцијата и кривичната пријава имаат за цел и да се одвлече вниманието на јавноста од катастрофалните извештаи за работата на Агенцијата: (1) на Државниот завод за ревизија, во кој е изразено неповолно мислење за работата на Агенцијата за филм, со бројни наоди за незаконска работа („Со извршената ревизија изразивме неповолно мислење во однос на вистинската објективност на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики за 2021 година“), (2) на Транспаренси Интернешнал Македонија (со наоди за судир на интереси и концентрација на моќ. (3) на Министерството за култура кое има негативно мислење по Годишните извештаи за работа на Агенцијата , (4) на инспекцијата при Министерството за култура кое констатирало судир на интереси во Агенцијата, но и од фактот дека (5) Антикорупциската комисија активно ја истражува работата на Агенцијата и ДФРМ и дека (6) лани заклучи судир на интереси.

Сериозни поплаки од повеќе филмаџии против Агенцијата и ДФРМ има и до вицепремиерката за антикорупција Славица Грковска, и тоа може да се провери во нејзиниот кабинет.

И самиот Манчевски, изминативе неколку години со пријави до надлежните институции укажал на корупција во Агенцијата за филм.

Правниот тим на „Банана филм“ подготвува тужби и кривични пријави против луѓе во Агенцијата за филм и други за кршење на законот по повеќе основи, како и за попречување на нашата професионална работа, за клевета и за замолчување укажувачи на корупција.

Како продуцентска куќа која стои зад филмски проекти кои се културно наследство на Македонија, и покрај сè, ние веруваме во институциите и во нивната чесна работа за одбрана на јавниот интерес.

Ја повикуваме Владата, откако ќе ги разгледа негативните извештаи за работата на Агенцијата за филм да ги разреши директорот и Управниот одбор поради бројните негативни оценки од релевантните институции, а Обвинителството го повикуваме да отвори истрага против нив.

Правен тим на „Банана филм“

___________________________________________________________________________

 МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Остани поврзан