Балтичките земји „раскрстуваат“ со постсоветското енергетско наследство
- Овој чин, наречен „Балтичка синхронизација“, веќе е оквалификуван како „развод на Балтикот од руската колонијална ера“ и доказ за нивниот избор целосно да се свртат кон Европа.
![Балтичките земји „раскрстуваат“ со постсоветското енергетско наследство](https://mia.mk/index.php/images/20250209092609_big_730x400_39.webp )
Брисел, 9 февруари 2025 (МИА) – Трите поранешен советски балтички републики, а сегашни членки на ЕУ и НАТО, Естонија, Летонија и Литванија денеска официјално ќе го финализираат планот што се спроведува со години за прекин на врските на нивните електроенергетски мрежи со оние на Белорусија и Русија, кои датираат уште од времето на Советскиот Сојуз.
Формалниот прекин на енергетските врски со Белорусија и Русија ќе се одбележи на свеченост во литванскиот град Вилнус на која се очекува присуство на високи претставници на трите балтички земји и на Европската унија, вклучително и на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Церемонијата ќе се одржи пред девет метри високиот часовник во центарот на Вилнус, кој ќе ги одбројува последните мигови од поврзаноста на електроенергетските мрежи на трите балтичките земји со оние на нивните источни соседи.
Овој чин, наречен „Балтичка синхронизација“, веќе е оквалификуван како „развод на Балтикот од руската колонијална ера“ и доказ за нивниот избор целосно да се свртат кон Европа.
Литванскиот претседател Гитанас Наузеда оцени дека станува збор за „физичко одвојување од последниот преостанат елемент на потпирање на рускиот и белорускиот енергетски систем“.
Идејата за прекин на енергетските врски со Русија и Белорусија датира уште од годините по осамостојувањето на трите балтички републики од поранешниот Советски Сојуз пред речиси три и пол децении.
Иако, планот за целосно свртување кон енергетската мрежа на Европската Унија се спроведува повеќе од две децении, сепак неговата реализација одеше бавно. Но, руската инвазија на Украина и одлуката на ЕУ за прекин на зависноста од руските енергенси го забрза реализирањето на планот. Така, последниве години беа демонтирани 16-те далноводи што ги поврзуваа енергетските мрежи на балтичките држави со Русија и Белорусија и беа воспоставени нова врски кон остатокот од ЕУ, вклучително и преку подводни кабли во Балтичкото Море.
Целосното поврзувањето на Естонија, Летонија и Литванија со европскиот енергетски систем се оценува кака значајна победа на поборниците за посилна и пообединета Европа, во услови кога голем број европски политичари се уште имаат резерви кон интегрирањето на нивните со електроенергетските мрежи на соседите, обидувајќи да ја задржат контролата на снабдувањето со струја.
Консензусот воспоставен пред речиси две децении дека во услови кога Европа има недостиг на фосилни горива, треба да споделува електрична енергија преку границите за да ги задржи светлата вклучени, повеќе не важи и се почесто се слушаат гласови за енергетски изолационизам.
Минатата недела падна владата на Норвешка, откако не успеа да ги усвои новите законски решенија за усогласување со енергетските правила на ЕУ. Во Осло преовладува мислењето дека Норвешка не треба да зависи од европската енергетска мрежа, затоа што би се соочила со раст на цената на струјата „кога нема да дува ветер во Германија“, со што германските ветерници нема да произведуваат доволно електрична енергија.
Шведска уште лани се откажа од плановите за поврзување со германската мрежа, оценувајќи дека нема да прифати „континентална Европа која е гладна за енергија, да ги зголемува цените на струјата за Нордијците“.
Во другите делови на континентот, Франција повеќе од една деценија ги блокираа плановите на Шпанија за поврзување на шпанската електроенергетска мрежа со останатите во Европа преку француска територија, додека во источноевропскиот регион се практикуваат невидливи бариери кои го нарушуваат протокот на електрична енергија поради наводната несоодветна соработка на мрежните оператори.
Но, балтичките земји со денешниот чин го разбиваат овој европски негативен тренд и целосно се вклопуваат во европската енергетска мрежа.
Русија не седеше „со скрстени раце“ на ваквите планови на балтичките земји и користејќи ги своите пропагандни медиуми ширеше кампања против прекинот на енергетските врски од советскиот период, тврдејќи дека тој чин, како и приклучувањето кон европската мрежа ќе резултира со зголемување на цената на струјата во трите држави.
Но, таквите руски обиди не вродија со плод и лидерите на трите земји не се откажаа од конечно заокружување на планот за „раскрстување“ со постсоветското енергетско наследство
Енергетските експерти сметаат дека сега ЕУ треба да го искористи овој момент и „да ја врати на маса“ дискусијата за зајакнување на врските на европскиот електроенергетски систем.
Во тој контекст сега веќе поранешната белгиска министерка за енергетика Тине Ван дер Стратен минатиот месец порача дека дискусијата за енергетското поврзување треба да се „врати на суштината“.
Според неа, европските земји не можат да се натпреваруваат со глобалните суперсили во трошоците за енергија и нивна единствена вистинска опција е да се држат заедно, бидејќи и немаат други вистински опции. сп/
Фото: МИА Архива