• петок, 08 ноември 2024

„Ашарк ал-Аваст“: Само две или три лица знаат каде се крие лидерот на Хамас, Јахја Синвар

„Ашарк ал-Аваст“: Само две или три лица знаат каде се крие лидерот на Хамас, Јахја Синвар

 Ерусалим, 3 јули 2024 година (МИА) - Само две или три лица знаат каде е лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, изјавија извори од палестинската екстремистичка организација за весникот Ашарк ал-Авсат.

„Многу тесен круг, од не повеќе од две или три лица, знае каде престојува и ги обезбедува неговите различни потреби, како и комуникација со лидерите на организацијата внатре и надвор“, изјави неименуван извор за весникот, кој се печати во Лондон.

„Израел не успеа да стигне до многу лидери од прв и втор ред (на Хамас) на политичко и воено ниво, но се обиде да убие некои од нив. Некои беа ранети, а некои преживеаја и излегоа неповредени од бомбашките операции во различни области и цели. Но, Синвар не е меѓу нив“, додаде изворот.

Во извештајот не е прецизирано дали Синвар се крие „над земја“ или во тунелите, јавуваат израелските медиуми.

Во февруари, израелската војска објави видео на кое наводно се гледа Синвар на 10 октомври 2023 година, три дена по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас, како шета низ тунел во Газа со неколку членови на семејството.

Извори блиски до лидерот на Хамас изјавија за Ашарк ал-Авсат дека веруваат дека Синвар нема да размислува за договор што ќе го доведе во егзил.

„Синвар размислува за две опции, без трета, додека е жив, или да ги исполни условите на отпорот за запирање на војната, повлекување на окупаторските сили и прекинување на договорот за размена, или да ја добие честа да (стане) маченик“, објасни изворот, додавајќи дека нема други опции и дека предлогот за егзил е неприфатлив за Синвар.

Претходно беше најавено дека Израел може да предложи договор врз основа на кој организаторот на нападот врз Израел на 7 октомври ќе замине во егзил од Газа.

Израел претходно најави дека сите лидери на Хамас, што таа земја, САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација, ќе бидат убиени или заробени. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан