• понеделник, 16 декември 2024

Атиџе, македонската пчеларка го шармираше Холивуд и и гледаше на кафе на Сара Џесика Паркер

Атиџе, македонската пчеларка го шармираше Холивуд и и гледаше на кафе на Сара Џесика Паркер
Скопје, 6 февруари 2020 (МИА) - Македонската пчеларка Атиџе Муратова, ѕвездата на филмот „Медена земја“, го шармираше Холивуд. До освојувањето на трите награди на филмот на фестивалот „Санденс“ пред една година, Атиџе живееше во земјена колиба без струја и вода во дивите предели во Северна Македонија. Сега тоа е првиот филм во историјата кој добил номинации за Оскар во две категории – најдобар документарец и најдобар странски филм, а Атиџе стана славна личност која холивудските ѕвезди ја застануваат на улица, пишува АФП. Таа в недела ќе се појави на доделувањето на Оскари. - Не можете да ја избегнете, таа ќе биде единствената турско-македонска селанка меѓу славните во театарот „Долби“ во Холивуд. -Сара Џесика Паркер беше многу возбудена што ја сретна Атиџе откако го гледала филмот. Атиџе ѝ предвиде иднина гледајќи ѝ на кафе, изјави за АФП продуцентот Атанас Георгиев. Кога Атиџе заминала за Скопје да го проба фустанот што ќе го носи на свеченоста во Лос Анџелес, ѝ требале 20 минути за да помине 200 метри, бидејќи толку многу луѓе сакале да се сликаат со неа. - Луѓето ја сакаат. Таа стана ѕвезда. Немаме избор освен некако да се носиме со тоа. Антрополошки, не би требало да го правиме тоа, но имаше голем притисок од јавноста во Македонија таа да оди на Оскарите, додаде Георгиев. Контрастот не може да биде поголем, имајќи предвид дека Атиџе досега живееше осамено во селото Бекирлија, каде што собираше мед од диви пчели, но секогаш само половина. Екипата на филмот во меѓувреме ѝ помогна да добие нов дом, блиску до нејзините роднини во „најблиското село до цивилизацијата“. - Откритие беше кога „Атиџе зборуваше за половина од медот што е за пчелите и половина за неа. Ова беше најмоќната реченица. Таа е остроумна, интелигентна и зборува четири јазици од различни јазични групи – турски, македонски, албански и влашки. Голем дел од успехот на филмот се должи на прекрасното срце на Атиџе. Но, ни помогна и магијата од нејзината мајка „кралицата пчела“. Мислам дека ни направи некаква магија за да внимаваме на нејзината ќерка откако ќе почине, вели Георгиев. рп/вј/

Остани поврзан