• среда, 27 ноември 2024

„Астон Мартин“ најави осум нови спортски модели до 2026 година

„Астон Мартин“ најави осум нови спортски модели до 2026 година

Лондон, 12 мај 2023 (МИА) - Британскиот производител на автомобили „Астон Мартин“ ужива внимание во секој дел од светот денес, особено поради успехот на својот тим во Формула 1, којшто го држи второто место во редот за конструктори и третото кај возачите, со Фернандо Алонсо. Ова, се чини, е совршено за објавување нови спортски модели од овој автопроизводител.

Компанијата, имено, има намера да претстави вкупно осум спортски модели со преден мотор до 2026 година. Пред сѐ, се очекува доаѓањето на наследникот на моделот „ДБ-11“ што најверојатно ќе биде именуван „ДБ-12“. По ова ќе следат и други нови модели коишто, според претседателот на компанијата, Лоренс Строл, „ќе донесат нова технологија и ќе внесат перформанси од Ф1 тимот“, а истовремено ќе нудат и врвен луксуз.

По наследникот на „ДБ-11“, ќе има замени и за „Вентиџ“ и „ДБС“. Повеќето од новите автомобили всушност ќе бидат варијации на споменатите модели, но ќе има и посебен нов модел на пазарот. А пак, првиот „Астон Мартин“ електричен автомобил е планиран за 2025 година.

- Создадовме нов сектор над ГТ, навистина високо ниво на луксуз со високи перформанси. Нешто ново!, истакна Строл.

Строл рече и дека проблемите со софтверот и производството што негативно влијаеле на испораката на моделот „Валкири“, се решени и оти се испорачани повеќе од 100 примероци „Астон Мартин“ продолжува да го проширува своето присуство како светски луксузен бренд преку партнерство со дизајнери за ограничени изданија часовници и зачувување на наследството со производство на делови за своите класични автомобили. Тие напори, заедно со успехот во Формула 1 оваа година и зајакнатата производна линија, му носат голем успех на овој производител на автомобили.  си/ссм/

Фото: МИА архива

Остани поврзан