• понеделник, 23 декември 2024

Арсовска: Ништо не сум погрешила за да се повлечам, од советниците кои не гласаат во Советот треба да побарате оставка

Арсовска: Ништо не сум погрешила за да се повлечам, од советниците кои не гласаат во Советот треба да побарате оставка

Скопје, 21 август 2024 (МИА) - Ништо не сум погрешила за да се повлечам. Од тие кои што не гласаат во Советот треба да побарате оставка. Граѓаните мене ме изгласале да го водам Скопје и ги изгласале овие 45 советници кои што за 500 евра треба да се појават еднаш и да гласаат. Доколку треба да ги молам да го направат тоа, ете сум ги замолила, не еднаш туку повеќе пати. Тие секој месец се замолувани но нема од нив никаква реакција, посочи градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска.

Таа вечерва во гостувањето на телевизија Сител напомена дека имаат програма за животна средина, програма за дополнителни активности, и тие треба да се изгласаат како одлука на крајот на годината заедно со буџетот, за да може од јануари да почне да се спроведува. Но, потенцираше, половина година помина.

-Половина година помина. Овие работи треба да се донесат на почетокот на годината сите заедно, за да немаме проблеми. Вие кога ќе почнете да каскате зад сето она кое што треба да се реализира во текот на годината, почнувајќи од јануари и еве речиси и септември и се уште не се ниту донесени, прашањето е кога ќе почнете да ги реализирате, кога ќе почне да се работи? Проблемот е многу сериозен и многу суштински. Тој лежи во нечија политичка волја, а не лежи во тоа дали кога и како, вели Арсовска.

Таа додаде дека службите во Градот Скопје, поточно над 500 вработени, ја сработиле својата работа и го доставиле сето она кое што се доставува до Советот за да се гласа.

-Доколку треба да ги молам советниците да гласаат, ете сум ги замолила, не еднаш туку повеќе пати. Тие секој месец се замолувани но нема од нив никаква реакција, посочи Арсовска.

На новинарско прашање зошто не се повлече од функцијата, вели дека ништо не погрешила за да се повлече.

-Ништо не сум погрешила за да се повлечам. Од тие кои што не гласаат треба да побарате оставка. Советот не може да најде заеднички јазик со мене. Тие кога имаа сопствени директори јас бев најдобриот градоначалник. Јас еден ден не сум имала одмор, ова е веќе трета година, секој ден прва доаѓам на работа, последна заминувам. Вакви советници како сега, да ви кажам искрено, во ваков состав, не знам дали досега некогаш имало. Да не се гласа ниту една одлука во интерес на граѓаните, додаде Арсовска.

На прашање дали утре е рокот кога ќе ги постави предлозите за надминување на проблемите, Арсовска рече дека е апсурдно да се зборува за рокови, затоа што во државата за три дена ништо не може да се реши. Таа информираше дека на средбата со премиерот Христијан Мицкоски во Владата понудила краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.

-Тоа со роковите, навистина, малку е апсурдно, затоа што вие најверојатно како и целата македонска јавност знаете дека за три дена не можете ништо да решите во државата. Најгорливите проблеми како што не се решиле, сигурно ниту ова не може да се реши за еден ден. Ние на самата средба што ја имавме во Владата, понудивме краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија. Но таа средба не беше отворена за јавноста па мораа медиумите да се занимаваат со нечии изјави каков план бил презентиран. Многу ми е жал што на Мицкоски му се чинело дека нема план, додаде таа.

Како што рече, првиот план бил за одлуките на Советот, за набавка на еко-автобуси со кои би се решил хаосот во Скопје, поради недостаоткот на автобуси и дотрајаноста на оние што ги имаме во овој момент. Таа рече дека се финансиски консолидирани и тоа можат да го направат и од сопствениот буџет.

-Ние не баравме никакви пари за еко автобусите. Ние баравме одлука да донесат советниците да може да ги набавиме еко автобусите. На нас пари од Владата не ни требаат, ние само долгот бараме да си го платат. Ние сме финансиски консолидирани и тоа можеме да го направиме и од сопствениот буџет и кредитно да се задолжиме. Нашиот буџет тоа може да го издржи. Меѓутоа, никогаш досега тоа не се направило, затоа што на тој начин вие лимитирате што во наредната година или во наредните години ќе треба да се исплаќаат овие автобуси што треба да се набават, ќе треба помал процент на проекти да реализирате за граѓаните, рече Арсовска. бт/бд/

Фото: МИА Архива

 

Остани поврзан