• вторник, 24 декември 2024

Армонаитe: Наместо да штедат, Литванците треба да дадат пари за тенкови

Армонаитe: Наместо да штедат, Литванците треба да дадат пари за тенкови

Вилнус, 22 јануари 2024 (МИА) - Литванците, наместо да штедат пари, треба да инвестираат во тенкови и друго оружје, смета литванската министерка за економија Аушрине Армонаите, која ги повикува граѓаните да ја финансираат одбранбената индустрија во земјата.

Разговарајќи за нејзиниот предлог со Литванската национална радио телевизија (ЛРТ), министерката изјави дека владата треба да биде поактивна во одредувањето на она што го очекува од граѓаните - особено во однос на поддршката на Украина во нејзиниот конфликт со Русија. А владата сака пари бидејќи нивната намера е во иднина да издвојуваат три проценти од БДП (прагот за членките на НАТО е два проценти) за финансирање на одбраната.

-Има начини, на пример, да се позајмуваат пари од жителите за воени трошоци, посочува таа, нагласувајќи дека граѓаните не треба да очекуваат значителен интерес за такви инвестиции.

Таа вели дека слушнала оти многумина ги критикуваат ваквите идеи - но тоа не и е баш јасно, бидејќи знае дека „луѓето имаат уште многу пари“.

-Можеби е подобро да престанеме да чуваме пари во сламени вреќи и да ги вложиме во армијата, додаде Армонаите.

Министрите за одбрана на Литванија, Летонија и Естонија минатата недела потпишаа договор со цел развој на заеднички систем за противвоздушна одбрана на Балтикот.

Во исто време, Естонија најави дека планира да изгради околу 600 „бетонски бункери“ на границата со Русија.

На почетокот на овој месец, командантот на литванската армија, генерал Валдемарас Рупсис, изјави дека западната одбранбена индустрија треба да се врати на нивото на Студената војна за да се справи со геополитичките промени. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан