Анчелоти пред дуелот со Сити: Имаме фер судење во ЛШ, ќе се обидеме да го зададеме завршниот удар
- Во Шпанија трае војната на релација Реал Мадрид - Примера Ла Лига и судиската комисија поради одлуките и случувањата на последниот меч против Осасуна и заканата дека Џуд Белингам би можел да добие суспензија до 12 натпревари поради исклучување и пцуење на судијата Мунуера.

Мадрид, 18 февруари 2025 (МИА) - Во Шпанија трае војната на релација Реал Мадрид - Примера Ла Лига и судиската комисија поради одлуките и случувањата на последниот меч против Осасуна и заканата дека Џуд Белингам би можел да добие суспензија до 12 натпревари поради исклучување и пцуење на судијата Мунуера.
Сепак, Реал мора целото внимание да го насочи кон утрешниот реванш од плеј-офот против Манчестер Сити (21:00 часот) и предноста во однос на „Етихад“ (3:2) да ја претвори во пласман во осминафиналето на Лигата на шампионите на УЕФА. Тренерот Карло Анчелоти, секако, не можеше да ги избегне прашањата за судиите.
- Во Европа има помалку контроверзии и помалку судиски интервенции и тоа се прави кога е потребно. Најдобрите судии од секоја земја ја судат Лигата на шампионите на УЕФА, квалитетот е висок и тоа не прави помирни, истакна Анчелоти на прес-конференцијата.
Италијанецот се уште верува дека ВАР системот има негативно влијание врз судиите.
-ВАР превзема премногу одговорност од судијата, а кога тоа ќе се случи станува опасно за системот. ВАР е таму за да ги исправи очигледните грешки, а не да интервенира во фудбалската игра. Многу пати одлуките се носат врз основа на слики, а не на она што е природно во фудбалот, смета Италијанецот.
Кога станува збор за тимот, Анчелоти беше повеќе од транспарентен, што обично не го прави.
-Рудигер може да игра и ќе биде во тимот со Асенсио од самиот почеток, Чуамени се сели во средниот ред. Валверде останува таму каде што беше на првиот натпревар, само ќе видиме кој ќе игра на таа страна. Лукас Васкез може да биде на клупата, истакна тој.
Што се однесува до предноста од првиот меч, најтрофејниот стручњак во Лигата на шампионите смета дека има „мала предност“.
-Верувам дека имаме мала предност и треба да ја искористиме за да одиграме на високо ниво како на првиот меч, кој помина добро. Мечот секогаш го започнувате со 0-0, а ретко кој може да поверува дека ќе играте „како да е 0-0“ кога ќе се знае резултатот од првиот меч. Ние само сакаме да одиграме на потребното ниво и да го зададеме завршниот удар, заклучи Анчелоти. дс
Фото: Принтскрин