• сабота, 23 ноември 2024

„Антолог“ со нови наслови од книжевна класика по повод 25 години постоење

„Антолог“ со нови наслови од книжевна класика по повод 25 години постоење

Скопје, 5 март 2024 (МИА) - Издавачката куќа „Антолог“ соопшти дека во чест на одбележување на 25 години од нивното постоење, целата година ќе биде во знакот на класичните дела од светската и од домашната литература, а во март ќе бидат објавени неколку наслови од епохални автори кои извршија формативно влијание на своите книжевни следбеници.

Од „Антолог“ потенцираат дека првата книга од годинашната кампања е „Мостот на Дрина“ од Иво Андриќ, во нов превод од српски на Томе Сиљаноски. Проектот е реализиран во соработка со „Здружението Иво Андриќ“ од Србија, кое е основано според последната желба на авторот целата негова оставина „да се сочува како целост“ и како легат да се чува за општествени и хуманитарни потреби.

-Тргнувајќи од високите идеали на единствениот добитник на Нобеловата награда за литература од просторите на поранешна Југославија се решивме да направиме автентичен превод кој целосно кореспондира со јазикот и стилот на оригиналот.

Иако на книжевниот пазар се достапни повеќе различни и нелиценцирани изданија на македонски јазик на делата на Иво Андриќ и на Меша Селимовиќ, „Антолог“ објавува дека од неодамна ги има единствените права за превод и дистрибуција на сите дела од овие двајца автори во земјава.

– Од основањето до денес постојано се трудиме најголем простор во нашата издавачка понуда да им отстапиме на класиците создадени како од претходниците така и од современиците. Така што, денес можеме да се пофалиме дека е објавен на македонски голем дел од творештвото на Франц Кафка, Станислав Лем, Меша Селимовиќ, Артур Конан Дојл... Во текот на годините внимателно ги одбиравме и преведувачите, кои не се анонимуси туку се познати професионалци со долгогодишно искуство. Овие дела секогаш ги преведувавме од изворниот јазик, бидејќи забележавме дека дел од преводите што веќе со децении циркулираат меѓу публиката се анахрони или се преведени преку посредни јазици, пред сè од соседството, соопштија од „Антолог“.

Како што потенцираат, на сличен минуциозен начин досега биле објавени и делата на Итало Калвино, Труман Капоти, Џорџ Орвел, Хулио Кортасар, Х. Л. Борхес, Жорже Амадо, Блаже Конески, итн., а списокот во следниот период ќе биде надополнет и со книги на Ацо Шопов, Фјодор М. Достоевски, Николај В. Гогољ, Иво Андриќ, Антон П. Чехов и други.

Од „Антолог“ информираат дека освен книгите на светските класици, наскоро од печат ќе излезе и ексклузивното издание „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов со поднаслов „влог во современата македонска културна историографија“, а под редакција и со предговор на Јасмина Шопова.

-Сите бесценети дела што ќе бидат објавени во текот на 2024 година се наша иницијатива и се самостојно реализирани како прилог на „Антолог“ кон македонската културна еволуција. Сметаме дека со ова општо добро ќе оставиме траен залог за сегашните и идните генерации, се вели во соопштението на издавачката куќа.бт/са/

Фото: „Антолог“

Остани поврзан