• среда, 27 ноември 2024

Анкетната комисија за Онкологија ја разгледува документацијата од сведоците, за Милошоски одговорноста е кај ексминистерот Филипче

Анкетната комисија за Онкологија ја разгледува документацијата од сведоците, за Милошоски одговорноста е кај ексминистерот Филипче

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Тензично почна седницата на собраниската Анкетна комисија за случувањата на Онкологија, на која пратениците отпочнаа нови 30 дена мандат во кои треба да ја анализираат собраната документација и стенограмите од исказите на 60-ина сведоци кои беа сослушани во претходните 30 дена.

Полемизираа пратеници од власта и опозицијата, кои имаа различни ставови која е нивната задача во овој дополнителен рок во кој ја разгледуваат документацијата, по излагањето на Антонијо Милошоски, кој рече дека „примарната политичка одговорност"  за злоупотреби на Онкологија ја носи поранешниот министер за здравство Венко Филипче.

Милошоски увидел спротивставени сведочења, зашто Филипче во излагање на 17 октомври рекол дека не бил запознат за непостоењето протоколи и стручен конзилиум на Онкологија, а дека поранешниот директор на клиниката, Нино Васев, како што рече, „ги демантирал исказите на Филипче", зашто во своето сведочење кажал дека праќал извештаи до кабинетот на министерот за здравство. 

-Од овие излагања имам констатација -  или за неговорење на вистината од Венко Филипче, дека не бил запознат со состојбата на Онкологија, или бил запознат, но тоа не сакал да го каже, рече Милошоски.

Пратеникот на ВМРО ДПМНЕ рече дека екс министерот не постапил по член 295 став 1  од Законот за здравствена заштита,  според кој, министерот за здравство врши надзор над работата над здравствените установи.

Пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ  рече дека работата на Анкетната комисија  се политизира и Милошоски донел, како што рече, „личен заклучок" и дека членовите на комисијата треба да ги разгледаат материјалите што ги собрале и заедно да утврдат заклучоци што ќе ги достават до Собранието.

Ние треба да разгледуваме документи, а не од парафразирани изјави да се носат заклучоци и врз основа на тоа и обвинение. Ние не сме суд, не сме обвинителство, рече Коциќ.

Според Арбен Зибери, бесмислено е да се анализира кој што кажал на сослушувањето и за тоа да може да се направи на комисијата ќе и треба една година, а на ваков начин „се влегува во политичка дебата", а тие, рече тој, немаат мандат за тоа.

-На ваков начин ќе се деградира работата на комисијата и целта за која е формирана. Слушнавме сведоци и треба да излеземе со заклучоци, а не да дебатираме што кажале и дали ја кажале или не ја кажале вистината, рече Зибери.

По полемиката каква обврска има комисијата, откако ги собра материјалите од сослушувањето, пратениците членови на Анкетната комисија отидоа на пауза за да се координираат. хс/лв/


Фото:МИА

Остани поврзан