• понеделник, 23 декември 2024

Анкета: Речиси половина население во Црна Гора не би примило вакцина против Ковид-19

Анкета: Речиси половина население во Црна Гора не би примило вакцина против Ковид-19
Подгорица, 13 ноември 2020 (МИА) - Речиси половина од граѓаните на Црна Гора, поточно 47 проценти, не би се вакцинирале кога вакцина против Ковид-19 ќе биде достапна, покажа истражувањето на агенцијата Ипсос, пренесува порталот РТЦГ. Како што е наведено, близу две петтини или 38 проценти би се вакцинирале, додека 15 проценти не знаеле или не сакале да одговорат на прашањето. Вкупно 49 отсто  од испитаниците сметаат дека вакцините треба да се избегнуваат затоа што можат да предизвикаат други болести и да имаат несакани ефекти, додека 43 проценти воопшто не се согласуваат со таа изјава. Во исто време, 79 проценти веруваат дека вакцините се едни од најдобрите пронајдоци на медицината и дека многу заразни болести се искоренети благодарение на нив. Истражувањето, исто така, покажа дека нешто повеќе од две петтини од граѓаните, 42 проценти, посочуваат дека ги применуваат сите три мерки за спречување на ширењето на вирусот - одржување на физичка дистанца, носење маски и миење раце. Податоците покажуваат дека 82 проценти од испитаниците никогаш не примиле вакцина против сезонски грип, додека скоро петтина, или 18 проценти, примиле. Истражувањето е направено на репрезентативен примерок од 825 граѓани на возраст од 18 години и повеќе во периодот од 17 до 20 октомври годинава, а се реализираше со поддршка на УНИЦЕФ и Британската амбасада во Подгорица. ссм/

Остани поврзан