• среда, 20 ноември 2024

Ангелов: На пожарот во с. Брезница дејствува чешки хеликоптер „Блек хок“, од огнот не е зафатено ловиштето Јасен

Ангелов: На пожарот во с. Брезница дејствува чешки хеликоптер „Блек хок“, од огнот не е зафатено ловиштето Јасен

Скопје, 4 август 2024 (МИА) - Чешки хеликоптер „Блек хок“ моментално дејствува на пожарот во атарот на с. Брезница и Тажево, пожар што зафаќа голема површина и е многу тежок за гаснење, но од огнот не е зафатено ловиштето Јасен, изјави денеска директорот на ЦУК Стојанче Ангелов. 

-Проблемот е што мора да се симне на помала надморска височина, да полета, да се искачи горе на повеќе од 1400 метри да ја истури водата и пак да се врати. Благодарност до храбрите пилоти од Чешка. Пожарот е во атарот на селата Тажево и Брезница со крак кон Јасен, но ловиштето Јасен не е зафатено од пожар. Вработените во Јасен не дозволија пожарот да навлезе на територија на територија на ловиштето Јасен, рече Ангелов.

Покрај овој пожар, додаде, го имаме и пожарот на Илинска планина којшто трае неколку дена, и исклучително е тежок за гаснење затоа што зафаќа голема површина и создава црн и темен чад што ја отежнува работата на воздухопловите. 

-Третиот пожар којшто за жал е активен во овој момент е пожарот што започна кај охридското село Косел што се движи нагоре кон планината и за којшто имаме концентрирано повеќе сили рано утрово. Благодарност до локалната самоуправа, до Градот Охрид којшто дава се од себе со поддршка на локалните пожарникари и месното население да го стават пожарот под контрола, истакна тој.

За жал, дополни Ангелов, пожарот што вчера избувна во атарот на Богданци отиде кон ветерниците и се уште е активен. -Рано утрово таму пративме хеликоптери, но истите поради силниот ветер не беа во состојба да дејствуваат, рече Ангелов.

Истакна дека пожарот на територија на Општина Пробиштип во атарот на с. Зеленград се уште е активен иако е делумна контрола, но не ја загрозува Пониква и викенд населбата што се наоѓа таму.

Повтори дека четири пожари се под контрола - во Општина Кочани кај селото Пресека, во Општина Свети Николе кај селото Патетино, во Општина Пласница, селата Пласница и Латово, Македонски Брод и во Општина Македонска Каменица кај селото Дулица.

Ангелов додаде дека вчера се изгаснати 33 пожари на територијата на државава. нд/

Фото: Принтскрин

 

 

Остани поврзан