• сабота, 21 декември 2024

Дезинформации штетни по здравјето, социјалните мрежи преплавени со лажни реклами за лекови со злоупотреба на познати личности

Дезинформации штетни по здравјето, социјалните мрежи преплавени со лажни реклами за лекови со злоупотреба на познати личности

Скопје, 16 ноември 2024 (МИА) - Интернет просторот е преплавен со содржини кои не се вистинити, од лажно претставување на финансиски советници кои најчесто нудат услуги за тргување со криптовалути, профили кои лажно се претставуваат во име на институција кои бараат лични податоци или броеви на кредитни картички од граѓаните, па се до лажни реклами за медицински препарати, чаеви и слично, кои „преку ноќ“ лекуваат се. 

На мета на овие т.н. реклами со лажна содржина се наши еминентни лекари, чиј идентитет е злоупотребуван за продажба на „чудотворни“ препарати што „лечат“ разни состојби. Освен лекари, на удар на овие виртуелни „продавачи“, се и пејачи, актери...

Некои од овие случаи кои беа пријавени, имаа одредена разрешница, но оваа појава најчесто не може да се запре, бидејќи со употреба на вештачка интелегенција се креира глас сличен на личноста која говори за „чудотворноста“ на овие препарати, се прави лажна реклама преку која се бараат потенцијални купувачи. 

Последен од низата вакви случаи беше злоупотребата на идентитетот на нашата позната пејачка Калиопи, на која гласот и беше изменет со алатки на вештачка интелегенција. Креирано е видео на социјалната мрежа Фејсбук, кое патем се уште не е отстрането, на кое „таа“ наводно говори за нејзина наводна дијагностицирана состојба, додека лекарот што наводно и помогнал е нашиот доктор Никола Пановски, кој бил наводно и „блокиран“ од политичари затоа што ја „зборувал вистината“ за фармацевтските компании. Калиопи веднаш реагираше на нејзините социјални мрежи, демантирајќи го тој пост на Фејсбук. 

МИА разговараше со лекарот Нико Беќаровски кој и самиот беше жртва на овие лажни реклами. Побаравме и мислење од експерти за тоа како овие реклами влијаат на популацијата и како граѓаните да се заштитат. Се обративме и до Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, а побаравме и став од Организацијата за заштита на потрошувачи.

Голем број лекари чии имиња значат во јавноста продолжуваат да се злоупотребуваат за лажни реклами, не мета и личности од естрадата

Во разговорот со проф. д-р Нико Беќаровски, лекар на Клиниката за Токсикологија, тој ни рече дека случајот со злоупотреба на неговиот идентитет го пријавил, по што се утврдило дека домејнот се наоѓа во Босна и Херцеговина.

- Во однос на законската процедура понатаму, јас го пријавив случајот, но после испадна дека се работи за некој домејн што не е од нашата држава така што ме упатија да тужам во Босна и Херцеговина, изјави Беќаровски, кој не продолжил со случајот понатаму бидејќи се работи за странска држава.

Вели дека и голем број негови колеги, чии имиња значат нешто во јавноста, биле злоупотребени за оваа цел.

-Кај мене беше малку поспецифично бидејќи лажното интервју кое наводно сум го дал беше фактички на српско-хрватски јазик. После тоа излезе дека наводно домејнот се наоѓа во Босна и Херцеговина, и беше наменето наводно првично за пазарот во Србија. Бев претставен како кардиолог, иако сум токсиколог. Мислам дека рекламата беше за некаков револуционерен чај којшто комплетно ги прочистува крвните садови, и беше направен класичен текст-интервју во којшто наводно беа поставувани прашања на коишто јас давав некои смешни одговори, истакна Беќаровски. 

Неговиот случај, ни кажа, нема епилог, а после тоа уследил уште еден, како што вели, смешен обид за правење фотомонтажа на некој од порталите, дека наводно бил дури и неговата профилна фотографија од Фејсбук била имплантирана на туѓо тело, и сето тоа било монтажа како го приведуваат во лисици, бидејќи „ја кажал вистината за короната“.

Во однос дали овие производи што се рекламираат преку лажни идентитети се опасни по здравјето, вели дека за тој конкретен производ нема сознанија.

-Реално за овој конкретен производ немам сознанија, бидејќи се работеше за сајт на којшто сосема случајно налетав затоа што беше од српскиве сајтови објавена информацијата... Сигурно дека некој ги нарачал, најчесто се работи реално за препакувана вода, што е единственото добро во целата работа, затоа што секако се работи за една од многуте измами што се случуваат денес, меѓутоа конкретни сознанија немам, кажа Беќаровски за МИА.

На граѓаните им порачува доколку некое интервју со лекар или реклама им се чини сомнително, нека проверат дали се работи за вистинска или лажна информација.

- Било кој од моите колеги не само кај нас туку и во светот, за да препорача кој било суплемент или каква било суплементарна терапија, претходно треба да е убеден врз медицина базирана на докази, односно дека мора да стои наука зад секој тој суплемент...Така што ако ништо повеќе начинот на којшто се прават овие интервјуа, ако малку повеќе се задлабочат ќе видат дека намерно се прави некој тип на грешка. Ако е токсиколог, се претставува како кардиолог, ако е кардиохирург ќе се претстави како ревматолог итн..., значи никогаш не се дава вистинската професија за после тоа, најверојатно да не сносат законски последици. Така што секогаш кога ќе наидат на такви интервјуа, малку нека просурфаат полево и подесно од информацијата, нека проверат, денес е лесно барем да се провери, има чекери на вистински информации и лажни информации, пред да нарачаат таков производ, нагласува Беќаровски.

Институциите да ги пресретнат овие појави за да ги заштитат граѓаните, на мета луѓе со послаби дигитални вештини

Комуникологот Бојан Кордалов, во разговор за МИА, оцени дека во овие триесетина години чувство на неказнивост кај граѓаните, ваквите постапки и ваквите појави за жал стануваат се повеќе секојдневие. 

-Најважно е, во делот на својата превентивна улога институциите да ги пресретнат појавите на злоупотреба на здравјето на луѓето, злоупотреба на сето она што на граѓаните им значи, од причина што на крајот со ваквите случувања се губат не само човечки животи туку се случуваат многу лоши работи коишто општеството го доведуваат во незавидна ситуација да не може правилно да се развива, вели Кордалов. 

Тој појаснува дека нашиот најголем ресурс се луѓето, а институциите постојат и се формирани и платени од парите на граѓаните и компаниите да ги заштитуваат граѓаните, за да градат правна рамка и за да создадат клима во која што секој ќе се чувствува слободен и да може да го оствари тоа што го сака. 

Кордалов за МИА вели дека овој феномен не е присутен само кај нас, туку и на Балканот и во други делови од светот каде што луѓето се во ризик од сиромаштија и се со послаби дигитални вештини.

-Не е феномен присутен само кај нас. Меѓутоа на Балканот и во земјите каде што бројот на луѓе коишто се во ризик од сиромаштија, но во исто време коишто се со послаби дигитални вештини, ја прави идеалната комбинација да се случуваат и да виреат вакви негативни дигитални измами. Од друга страна на ова кога ќе ги додадеме неказнивоста, и недоволното брзо справување, но во демократска процедура на институциите со оние коишто ги престапуваат, или коишто прават злоупотреби, кривични и други казнени, прекршочни дела, ја добиваме комбинацијата којашто кажува дека ние буквално секојдневно сведочиме за различни измами преку Интернет, нагласува Кордалов. 

Вели и дека со преселбата на личните податоци, со преселбата на сообраќајот, со преселбата на нашите активности на Интернет просторот во изминативе 15 години, очекувано е дека криминалот, и негативните појави се пренесуваат и се селат во онлајн просторот. 

-Меѓутоа, она што е многу важно и не треба да биде очекувано е да не со иста мера како досега ни се случува да не растат истовремено и кибер безбедноста и заштитата којашто институциите и сите надлежни во процесите треба да ја прават. Многу е важно заштитата да оди рамо до рамо, да оди паралелно со процесот на дигитализација и дигитална трансформација но и со зголеманата можност и присуство на он лајн платформите, дециден е тој. 

На прашање на МИА кој е надлежен за заштита на граѓаните од ваков вид измами на социјални мрежи и каде да се обратат, вели дека првата работа е секогаш да се пријави на провајдерот, социјалниот медиум или другиот провајдер каде што таа информација се добива и во исто време да се пријави до надлежните институции – тоа може да е Дирекцијата за заштита на лични податоци, ако е украден некој личен податок. 

-Тоа е Одделот за компјутерски криминал во Министерството за внатрешни работи, тоа е буквално секоја институција којашто има надлежности таквите нешта да ги спречи во секојдневието. На пример ако некој ви го украде матичниот број, или ако некој ви украде некоја фотографија или некој ваш податок – се јавуваме во Министерство за внатрешни работи. Значи истото го правиме и тука. Едноставно битно е да прифатиме дека сите криминали, сите прекршоци, сите негативни појави што се случуваат во Интернет просторот, се третираат исто како да се случиле според законот во секојдневниот живот. И аналогно на тоа, законот, санкцијата, постојат и за нив, вели Кордалов за МИА. 

Службеници од ЕВР Чаир вчера го лишиле од слобода А.И. (21) од Скопје поради постоење сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“.

Kазнен налог против едно физичко и едно правно лице за злоупотреба на лични податоци на тројца оштетени лекари, од МВР апелираарт да не се купуваат лекови кои не се продавата на овластени места

Во Министерството за внатрешни работи во периодот 2023-2024 до Сектор за компјутерски криминал при МВР има доставено три пријави за лажни лекови, односно пријави за К.Д по чл.149 од „Злоупотреба на лични податоци”, една пријава од медиумска личност (музичар) за реклами на козметички производи, како и пријава од лекар каде се споменува неговото име за наводно успешно клиничко лекување.

-Истите се поврзани со вирално ширење на лажни интервјуа и постови во кои се користат име и слика на познати доктори, при што користејќи го нивниот углед и популарност без нивно одобрување се користеле за рекламирање препораки за некакви производи (најчесто се работи за чаеви за лекување на разни заболувања) кои пријавителите никогаш не ги дале, велат од МВР за МИА.

Оттаму додаваат дека како и за сите други кривични дела, така и за пријавите за „Злоупотреба на лични податоци”, а поврзано со вирално ширење на лажни интервјуа Секторот за компјутерски криминал го известува Основното јавно обвинителство и се преземаат сите потребни мерки за откривање на сторител – лоцирање на ИП адреси од кои се креирани профилите на кои се споделени лажните интервјуа. Посочуваат дека за дел од пријавите има и завршница, односно до ОЈО Скопје 2023 поднесена е кривична пријава против правно лице кое продавало ваков вид производи кои биле рекламирани со податоци од пријавителите.

-Граѓаните доколку се измамени, односно доколку се злоупотребени нивните лични податоци за рекламирање на ваков вид производи за истото може да пријават во Сектор за компјутерски криминал или во Отсеците за компјутерски криминал во рамките на секторите за внатрешни работи, а доколку не се задоволни од купени производи за истото треба да пријават во Државен пазарен инспекторат, велат од МВР.

Од Министерството апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не купуваат лекови или алтернативни призводи за лекување кои не се продаваат во овластени продажни места.

Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје кој постапуваше по допрен глас за незаконско согорување медицински отпад на депонијата „ДРИСЛА-СКОПЈЕ“ ДОО Батинци заклучил

Основното јавно обвинителство Скопје на 4 октомври годинава до надлежниот суд поднесе Предлог за издавање казнен налог против едно физичко и едно правно лице, кои се обвинети за три кривични дела – Злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот законик.

-Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во правното лице, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на условите утврдени во член 10 и член 96 од Законот за заштита на лични податоци, без согласност на тројца оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – слика, име и презиме за он-лајн продажба на два производа, се вели во соопштението на ОЈО.

Се додава дека личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите Паразол (Parazol) и Хипертеа (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.

-Лажните интервјуа и постови, преземани и споделувани на повеќе веб страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг, стои во соопштението на ОЈО од 4 октомври 2024.

Плаќањата со платежни картички во трговијата во третиот квартал бележат раст. Зголемени се плаќањата преку интернет и плаќањата на местата на продажба. Пад има кај кредитните трансфери. 

Се додава дека надлежниот јавен обвинител му предложил на Судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари. Согласно предлогот на обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката, а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.

Се обративме и до Организацијата на потрошувачи на Македонија, од каде не информираат дека досега нема потрошувач кој купил таков производ и се пожалил на истиот, но имаат јавувања од потрошувачи кои информативно се обратиле до ОПМ со цел да прашаат дали рекламите се реални и дали да купат од медицинските препарати кои им се потребни. 

-Секако посочуваме дека рекламите се измамни и дека еминентните доктори се злоупотребени,  а препаратите  се недоволно испитани и безбедни. Наш совет до нив е дека истите не треба да се купуваат, велат од Организацијата на потрошувачи.

Неда Димова Прокиќ

Видео и монтажа: Фросина Насковиќ

Фото: МИА; МИА архива; Илустрација лажна реклама; Фејсбук Калиопи

Остани поврзан