• вторник, 24 декември 2024

Ампева: Работниците да внимаваат какви решенија потпишуваат за годишен одмор

Ампева: Работниците да внимаваат какви решенија потпишуваат за годишен одмор

Штип, 1 јули 2022 (МИА) - Работниците да внимаваат какви решенија за годишен одмор потпишуваат за да не дојде до злоупотреби, апелира претседателката на „Гласен текстилец“, Кристина Ампева. Таа посочува на законските обврски кои ги има работодавачот, а апелира работникот секогаш да потпишува решенија пред годишен одмор и да внимава на тоа за колку денови потпишува. Во текстилниот сектор работодавците вообичаено во август, околу Илинден го запираат производството и и работниците заминуваат на колективен годишен одмор.

-Вообичаено одморите ги даваат некаде од први август, затоа е важно да се напомене дека Законот утврдува можност за користење на годишниот одмор во повеќе делови и првиот дел од годишниот одмор треба да биде две непрекинати работни седмици. До крајот на календарската година работодавачот е должен на работникот да му обезбеди искористување од 12 работни дена годишен одмор, а останатиот дел смее да го искористи до 30 јуни идната година. Важно е да се напомене дека работниците треба да се потпишат на решенија за годишен одмор пред да одат на тој одмор. Вообичаено, знаеме дека во текстилната индустрија се користи колективен одмор, така што треба да внимаваат за колку дена се потпишуваат дека го искористиле, бидејќи потоа ќе биде проблематично да се утврди дали искористиле толку за колку што се потпишале, рече Ампева.

Ампева вели дека позитивно е што  работниците од текстилниот и кожарскиот сектор сѐ повеќе бараат да го искористат остатокот од одморот или да им се плати. Во секој случај, работникот не може да се откаже од правото на одмор и со никаква спогодба не може да се случи тоа.

-Меѓутоа, имаме сега некоја позитива, за мене, да речам дека работниците се свесни веќе дека тие минимум 20 дена од годишниот одмор им следуваат и сакаат да ги искористат максимално. Од страна на правничката во канцеларијата се направени барања за да ги искористат и тие денови согласно со законскиот рок, вели Ампева.

Потпишувањето на решение за годишен одмор е важно, потсетува Ампева, бидејќи може да се добие и отказ доколку три дена последователно не сте се појавиле на работа. Боледувања, оправдани отсуства, празници, сабота и недела не се дел од годишниот одмор. вдј/мд/

Остани поврзан