• петок, 05 декември 2025

Американската компанија „ExxonMobil“, заедно со „Energean“ и „HELLENiQ ENERGY“ ќе истражуваат јаглеводороди во Јонското Mоре

Американската компанија „ExxonMobil“, заедно со „Energean“ и „HELLENiQ ENERGY“ ќе истражуваат јаглеводороди во Јонското Mоре

Атина, 6 ноември 2025 (МИА) – Договор за истражување на јаглеводороди во Јонското море потпишаа американската компанија „ExxonMobil“, заедно со „Energean“ и „HELLENiQ ENERGY“ кои веќе ја имаат концесијата за Блокот 2 во северозападниот дел на Јонското Море, во близина на Ексклузивната Економска Зона на Италија, јави дописничка на МИА од Атина.

Договорот беше потпишан на маргините на состанокот на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) што се одржува во Атина, во присуство на американските секретари за енергетика и внатрешни работи Крис Рајт и Даг Бургум, грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру, како и амбасадорката на САД во Атина Кимберли Гилфојл.

Според договорот, „ExxonMobil“ ќе стекне 60 отсто од концесијата, „Energean“ ќе задржи 30 проценти учество, од првични 75 отсто, а „HELLENiQ ENERGY“ ќе задржи 10 проценти учество, од првични 25 отсто.

Станува збор за прво дупчење за морско истражување во Грција од 1981 година, а истражувањето се очекува да се реализира на крајот на 2026 или на почетокот на 2027 година, под услов навремено да се обезбедат сите неопходни дозволи и одобренија од надлежните органи, како и да се продолжи фазата на истражување за да се обезбеди завршување на проектот во предвидениот рок.

Блокот 2 е во област од особен геолошки интерес, во 2022 година биле добиени 2.244 квадратни километри тродимензионални сеизмички податоци, чија обработка и толкување потврдија дека структурата „Асопос“ е најзрелата цел за истражувачко дупчење.

Станува збор за најголемата неистражена офшор структура во Медитеранот, со потенцијал значително да ја зајакне енергетската безбедност на Грција и поширокиот регион. ср/ссм/

Остани поврзан