• вторник, 24 декември 2024

Алијанса „Разбистри сè“ за измените на Законот за минерални суровини: Во законот мора да се вгради учеството на јавноста при носење на одлуки

Алијанса „Разбистри сè“ за измените на Законот за минерални суровини: Во законот мора да се вгради учеството на јавноста при носење на одлуки
Скопје, 16 април 2021 (МИА) - Нашите главни забелешки дојдоа од теренската активност и она што ние го искусивме како граѓани од издавање на одредени концесии во последниве години. Особено беше искуството на Југоистокот кадешто граѓаните најчесто дознаваа за сите издадени концесии, откако целата постапка ќе беше завршена, што значи дека граѓаните нема како да делуваат. Сите забелешки беа во однос на носење на концесиите, детални геолошки истражувања и особено за концесиите за експлоатација, сите одлуки, сите постапки, започнување на постапките да бидат објавени, тука е транспарентноста. И најбитниот дел, учеството на јавноста да биде загарантирано со одржување на јавни расправи, истакна на денешниот брифинг Татјана Чакулев од О2 Иницијатива. По повлекувањето на измените на Законот за минерални суровини од собраниска постапка на почетокот на годината, Министерството за економија и Алијансата за застапување и лобирање „Разбистри сè“ работеа на новите измени на законскиот текст, како и на вклучување на дополнителни забелешки. Направени се измени на повеќе од половината членови на предлог-измените и постигната е согласност за значителен дел од предлозите на техничко-технолошките и правните аспекти. Сепак, останати се прашања за кои е договорено дополнително да се расправа, како што е обезбедување јавност на процедурите во сите фази од издавање на концесии, што е во согласност со Архуската конвенција, регулацијата на хидројаловиштата, рекултивацијата на деградираните простори и усогласеноста со Законот за водите. На брифингот беа образложени заложбите и ставовите на Алијансата „Разбистри сè“ во врска со измените на Законот за минерални суровини, а со оглед на тоа дека законските измени наскоро можат повторно да бидат ставени во собраниска процедура. - Според нас овој закон за минерални суровини е закон којшто има најмногу последици врз животната средина. Неповратни последици. Генерално со оглед на бројот на концесии кои се доделени за експлоатација во државата, кои се над 360, според последниот регистар, тоа е огромна бројка за толку мала земја, нагласи Чакулев. Таа потенцираше дека со природните ресурси не се постапува совесно, не се постапува во насока да се заштити животната средина и природното богатство на земјава, меѓутоа, како што рече, се оди на некое базично ниво кадешто е најлесно да се распродаде нешто за ситни пари, а огромни се последици, неземајќи предвид дека концесиите кои се дадени се наоѓаат во близина на населени места. - Ние немаме толкава површина на земја, за да кажеме дека тие концесии се далеку од населените места и дека нема да имаат ефект врз нив, посочи Чакулев. Таа наведе дека согласно Архуската конвенција, треба да се даде рок од 30 дена за доставување на забелешки од локалното население и поширокото засегнато население во државата, да можат да се достават сите забелешки и тие забелешки да бидат обврзувачки при носење на одлуката. - Имаше многу членови во кои ние интервениравме со забелешки, меѓутоа ние не знаеме дали било што од овие забелешки ќе биде усвоено, од причини што дел од забелешките беа за измените на законот на кој сега се работеше, меѓутоа дел од забелешките се доставени во целосниот закон, кој не претрпува измени моментално и од причина што досега во законот јавноста не била вклучена на овој начин. Ни беше одговорено дека министерот ќе го даде финалниот збор дали овие забелешки ќе бидат прифатени или не. Иако ние кажавме дека според Архуската конвенција, тие забелешки мора да бидат прифатени. Во законот мора да се вгради учеството на јавноста при носење на одлуки. Особено вакви одлуки кои ќе ги засегаат не само сегашните туку и идните генерации, нагласи Чакулев. Таа во однос на Законот за прекршоци посочи дека, сегашната верзија на овој закон придвидува намалување на глобите, на казните бидејќи е усогласен со донесениот закон од пред неколку години, законот за прекршоци каде што се намалени сите овие глоби кои се, како што рече, тотално неоправдани и тотално несразмерни во однос на сите последици кои настануваат од овое концесии. - Во Собрание во постапка е доставена измената на овој закон за прекршоци каде што глобите се зголемени, и дополнително ние работиме и со парламентарната група каде што дополнително имаме и неколку измени и за дополнително зголемување на глобите. Оваа измена на законот за прекршоци, меѓутоа сетоа тоа чека да се откочи работава во Собрание и да може да се донесе овој закон. Потребно е двотретинско мнозинство, наведе Чакулев. Лилјана Поповска од Зелен институт нагласи дека практично целата контрола, целото водење со рудниците се дава во рацете на рударски инженери, а останатите експерти се исфрлени. - Затоа ги предложивме следните законски измени, прво делот од членот 38 е простор за експлоатација на минерални суровини, да се дефинира каде воопшто може да се издаде концесија за рудници, а која што ќе бидат и хидојаловишни брани и кажавме дека не смее да биде во заштитено подрачје со природно и културно историско наследство, ниту во близина на населено место, земјоделско земјиште или туристички локалитет, особено водејќи сметка за случаи со хидројаловишна брана во состав на концесијата, рече Поповска. Таа потенцираше дека тоа е многу важно и е поврзано со движењата за борба против изградба на опасни рудници во близина на населени места што се случија во југоистокот од Македонија. - Просторот за експлоатација на минерални суровини го дефинираме, што воопшто не беше дефиниран во законот, зборувам за широката веризија на законот. Во делот на стручната подготовка, задолжително внесовме хидроинженери, од градежен факултет, хидротехничка насока коишто треба да бидат задолжени за грижа за браната на хидројаловиштето и воопшто за грижа на се што е поврзано со нејзиното работење. И замислете имаше раководители на разни сектори во рудникот, но немаше во Законот не постои раководител на хидројаловиште, а тоа огроен објект, огромна инсталација во рамките на рударството. Затоа предвидовме, раководител на инсталација за отпад од минерални суровини, градежен факултет, хидротехничка насока, најмалку три години работно искуство, посочи Поповска. Таа додадека дека внеле обврска за концесионерот при изведување на рударските работи за експлоатација на минерални суровини да управува со инсталацијата за отпад од минерални суровини согласно со Програмата за спречување на значителни опасности, за во случај на хидројаловиште да се грижи за стабилноста на браната и заштита на подземните води и почвата од загадување. Затоа што, како што рече, во сите обврски на концесионерот, хидројаловиштето и браната не беа воопшто спомнати. - Многу важна работа што ја внесовме во членот 88 е обврска за известување, затоа што не беше предвидено да се извести Инспекторатот за животна средина, туку само Инспекторатот за техничка инспекција и затоа внесовме, концесионерот е должен веднаш, најдоцна во рок од еден час по настанот, писмено да го извести Инспекторатот за животна средина, ЦУК и Дирекцијата за спасување за секоја колективна несреќа, секоја појава која претставува непосредна опасност и ја загрозува безбедноста на вработените, жителите во дијаметар на можно влијание на животната средина, наведе Поповска. Таа наведе дека во делот каде што има посебно поглавје во Законот за отпад од минерални суровини, има две вида отпат од минерални суровини, едно е хидројаловиштето, што е точен отпад и цврст отпад што се вика одлагалиште од ископувањето на рудата, тоа се огромни купишта на отпад коишто исто така не се доволно третирани. - Посебно нагласивме во делот на одлагање на отпадот од минерални суровини, го внесовме терминот, дека онаму каде што содржи одлагалише коешто е хидројаловиште, хидројаловиштето дека се состои од брана и едно или повеќе таложни езера за да постои како објаснување, наведе Поповска. Таа истакна дека во неколку членови внеле обврска за поврзување на било кој рудник кој што има хидројаловиште, задолжително со една меѓународна институција што е Меѓународна комисија за големи брани и со еден од нејзините комитети којшто се вика Комитет за јаловишни брани и таложни езера. - Нема хидројаловиште што ќе исчезне, тоа постои вечно и државата мора да обезбеди грижа за заштита на животната средина и населението, вметнавме дека мора за хидројаловиште да се добие и потврда и од овој Комитет и од Меѓународната комисија за големи и мали брани. Во повеќе членови вметнавме кога се управува со значителни опасности, покрај Државниот инспекторат за техничка инспекција, задолжително да биде вклучен и Државниот инспекторат за животна средина, истакна Поповска. см/ац/

Остани поврзан