• понеделник, 23 декември 2024

Алиу: Целта на стручното образование е создавање млади луѓе подготвени да се вклучат на пазарот на трудот

Алиу: Целта на стручното образование е создавање млади луѓе подготвени да се вклучат на пазарот на трудот
Скопје, 28 септември 2022 (МИА) - Заменик-министерот за образование и наука Љуљзим Алиу на панел-дискусија посветена на значењето на образованието и стручното усовршување и нивната поврзаност со пазарот на трудот, која се одржа во Приштина, рече дека во нашиот образовен систем се прават темелни  промени, особено во средното стручно образование со цел да се создадат генерации подготвени да ги пресретнат барањата на пазарот на трудот. - Новото време има потреба од стручни и вешти кадри, кои се подготвени да се вклучат на пазарот на трудот. Компаниите имаат потреба од млади и едуцирани лица, кои се желни за развој и продлабочување на наученото. МОН низ процесот на обезбедување сеопфатно, инклузивно и интегрирано образование насочено кон учениците ги реализира трите главни приоритети во делот на политиките за младите, а тоа се намалување на младинската невработеност преку зголемување на вработливоста, вклучување на младите во процесите на одлучување, како и развој на нивните капацитети и давање шанса за креирање  општество по нивна мерка, рече Алиу. Реформите на стручното образование, додаде заменик-министерот, ги почнавме со цел да ги зајакнеме врските меѓу образованието и работата и да дадеме брз одговор на променетите потреби на пазарот на трудот. Како што информира МОН, Алиу потенцираше дека преку социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“, кој две години се спроведува во Северна Македонија, се идентификувани локалните потреби за одредени стручни профили, кои веќе се дел од уписната политика за средните стручни училишта. - Во услови на дефицит на стручен кадар, ваквиот модел на образование обезбедува успешен настап на пазарот на трудот, но, истовремено, за младите кои би сакале да го надградат своето образование, дава можности за успешна академска надградба на техничките факултети, клучна улога во унапредувањето на стручното образование имаат компетентни и посветени наставници, кои континуирано ги надоградуваат техничките компетенции и педагошките вештини преку квалитетен професионален развој и поддршката, напомена Алиу, истакнувајќи дека концептот на дуално образование се покажа како ефикасен и ефективен, затоа што учењето директно на работно место во компанија, овозможува стекнување  практично применливи знаења и вештини и создавање доброподготвена работна сила за настап на пазарот на трудот веднаш по завршување на образованието. - Минатата учебна година во сите средни стручни училишта во Северна Македонија имавме 97 дуални паралелки со 1400 ученици. Оваа година имаме над 200 дуални паралелки и 2700 ученици. Лани имаше 250 вклучени компании, а годинава има над 400, рече заменик-министерот за образование и наука. хс/дма/      

Остани поврзан