• среда, 27 ноември 2024

Алиу: Целта на Стратегијата за реформи на јавната администрација е компатибилност со европските стандарди

Алиу: Целта на Стратегијата за реформи на јавната администрација е компатибилност со европските стандарди

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Целта на Стратегијата за реформи на јавната администрација е да имаме јавна администрација компатибилна со европските стандарди. Затоа првпат е направена до 2030 година, за да ги следиме сите процеси и активности поврзани со индикатори кои ја покажуваат вредноста на јавната администрација во Европската Унија, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

На денешната презентација на Стратегијата која е дел од стратешките приоритети на Владата утврден во Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија (2022-2024), на настанот „Модерна и ефикасна јавна администрација базирана на дигитализација која обезбедува квалитетни и брзи услуги за граѓаните и деловните субјекти“, министерот информираше дека осумгодишната стратегија ќе биде составена од два акциски планови. Со нив се дефинираат мерките и активностите, водечките органи надлежни за спроведување на активностите, како и другите органи кои ќе бидат вклучени во спроведувањето. Првиот акциски план го опфаќа периодот од 2023 – 2026 година, а вториот е за периодот од 2027- 2030 година.

- Со оваа Стратегија и акциски план се поврзани неколку закони. Ние веќе работиме и се во фаза во владина процедура. Очекуваме до крајот на наредниот месец истите да бидат и во процедура во Собрание. Без промена на тие закони, и без креирање на нови кои што се поврзани со реформа на јавната администрација, таа стратегија, тој акциски план, нема да може да биде реализиран, рече министерот кој истакна дека целта е до 2027 година јавната администрација да биде целосно дигитализирана.   

Министерот појасни дека целта и на Стратегијата и на законите е да се оптимизира јавната администрација и институциите истовремено.

- Нашите граѓани да одат во една точка за услуги и таму да ги добиваат сите сервиси. Ние затоа работиме интензивно и со поштите, за да може 333 точки на ниво на државата веќе од наредниот месец да почнеме да ги отвораме, и граѓаните кои немаат доволно знаење за дигитални вештини, да може од таму да ги добиваат, рече тој.

Во однос на инфраструктурата за спроведувањето на стратегијата, министерот рече дека се изработува закон за високо раководна функција каде што за првпат во нашата држава ќе имаме инфраструктура и методологија како може да стигнете од граѓанин на државата, до раководител, до директор на некоја институција. 

- Ценам дека со таков пристап, кога веќе имате менаџер на институција кој што е експерт и знае да менаџира со процесите, тој исто така ќе знае професионално да менаџира и со институциите. Исто така процедурата и формите на трансформација на дигитална трансформација на процесите во јавната администрација ќе придонесат и во овој дел. Значи ние ќе знаеме од моментот кога некој е дел од јавната администрација, како влегол таму, како ракува со процесите кои што се надлежност на тој администратор. Јас верувам дека само дигитализацијата може овие процеси да ги убрза, рече министерот Алиу.

Како што стои во стратегијата, дефинираните цели ќе се реализираат преку мерки кои ќе обезбедат ефективно креирање на политиките засновано на докази, реорганизација, оптимизација и воведување дополнителни форми за ефикасно работење на јавната администрација, како и понатамошно развивање на професионална јавна администрација поддржана од интензивна дигитализација, односно дигитална трансформација со цел развивање на оптимална структура и иновативни процеси и техники кои ќе обезбедат квалитетни и лесно достапни услуги за граѓаните и деловните субјекти. 

Главните области на дејствување се креирање на политики и координација, јавна служба и управување со човечките ресурси, одговорност, отчетност и транспарентност и давање услуги и дигитална трансформација.

Во видео обраќање на промоцијата на Стратегија, премиерот Димитар Ковачевски истакна дека целта е македонските граѓани да имаат квалитет на живот според европските стандарди дома.

- Стратегија за реформа на јавната администрација има едноставна и јасна цел. Испорака на повеќе и поквалитетни јавни услуги за сите граѓани и за приватниот сектор. Секој кој го полни државниот буџет преку даноците има право на брза и ефикасна услуга од институциите, а тоа е можно единствено со професионална, деполитизирана, ефикасна, ефективна и отчетна јавна администрација, поддржана од интензивна дигитализација, нагласи Ковачевски, кој дополни дека веќе се работи дигитализација на јавната администрација, која на институциите ќе им овозможи дигитализација на процесите и електронска размена на податоци.

За евроамбасадорот Дејвид Гир, реформата на јавната администрација има апсолутно централна позиција, како за развојот на земјата, така и за нејзините перспективи за членство во Европската Унија.

Во обраќање на промоцијата на новата Стратегија за реформа на јавната администрација (2023 - 2030) Гир порача дека „стратегиите се онолку добри, колку што е нивната имплементација“, посочувајќи дека во Собранието „сѐ уште се чека да поминат разни закони кои се однесуваат на највисокиот ешалон на јавната администрација, а се особено важни за компетитивна, професионална и високо квалитетна јавна служба“. 

- Го повикувам Собранието да си ја заврши работата. Секако детално да ја разгледа легислативата, но да се продолжи напред што е можно побрзо, бидејќи ова се клучни закони кои навистина ќе помогнат да се постави рамката, заедно со Стратегијата, за подобрувања во областа на јавната администрација, изјави Гир. ар/лв/

Фото: МИА

Остани поврзан