• понеделник, 23 декември 2024

Алиу: Законот за безбедност на мрежни информациски системи ќе обезбеди високо ниво на безбедност (ДПЛ)

Алиу: Законот за безбедност на мрежни информациски системи ќе обезбеди високо ниво на безбедност (ДПЛ)

Скопје, 6 октомври 2023 (МИА) - Законот за безбедност на мрежни и информациски системи и дигитална трансформација ќе обезбеди високо ниво на безбедност на мрежните и информациските системи во земјата, исто така градење и проширување на ИТ инфраструктурата, односно поефикасна и поефективна дигитална трансформација на нашата Република, истакна министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу, на денешната прес-конференција по Јавната расправа организирана од ресорното Министерство на којашто се дискутираше за овој закон.

Тој додаде дека ќе се обезбеди висок степен на отвореност со цел да се обезбеди развој за иновативни софтверски решенија во системот.

-Една од клучните цели на овој закон е дигиталната трансформација на јавниот сектор со кој ќе се предвиди транзицијата од дистрибуирана дигитална инфраструктура кон централизиран пристап во Владин облак, изјави Алиу и додаде дека се опфатени и начините и роковите за миграција на информациските системи на јавниот сектор во Владиниот облак, како и интеграцијата на децентрализираните информациски системи во овој централизиран Владин облак.

Тој најави дека Владиниот облак ќе биде воспоставен во рок од 24 месеци, од денот на влегување во сила на овој закон.

Министерот Алиу потенцираше дека Република Северна Македонија е меѓу првите земји во регионот и пошироко, која што ја има целосно транспонирана НИС 2 Директивата од ЕУ во областа на безбедност на мрежни и информациски системи.

-Со овој закон меѓудругото се предвидува и формирање на Агенција за безбедност на мрежни системи и информациски системи и дигитална трансформација, чија структура е во согласнот со структурата на регулаторното тело ЕНИСА при Европската Унија. Агенцијата ќе биде надлежна за управување и координација на процесот на дигитална трансформација на јавниот сектор, истакна министерот Алиу.

На новинарското прашање кога би бил доставен Предлог-законот во Собранието, и дали има рокови до кога треба да биде завршена дигиталната трансформација во јавниот сектор, Алиу рече дека се очекува во рок од две недели да помине од Влада за да стигне до Собранието и рече дека верува оти за месец ипол законот ќе биде донесен. сх/дма/

Фото: МИА

Остани поврзан