• сабота, 23 ноември 2024

Алиспахиќ: Треба да се направи дистинкција помеѓу сообраќајката во Бугарија и судењето за случајот „Беса Транс“

Алиспахиќ: Треба да се направи дистинкција помеѓу сообраќајката во Бугарија и судењето за случајот „Беса Транс“
Скопје, 14 октомври 2022 (МИА) - Треба да се направи дистинкција помеѓу немилиот настан што се случи во Бугарија минатата година и овој судски процес, бидејќи тие не се меѓусебно поврзани. Ова е процес исклучиво по поднесен обвинителен предлог во делот на работењето на самото правно лице, изјави денеска адвокатот Асмир Алиспахиќ, застапник на обвинетиот во случајот „Беса Транс“. - Ние веруваме во Судот, оставаме на Судот да одлучи во делот на сето она што ќе биде презентирано од Обвинителството и од одбраната, како теорија на случај и од двете страни, па ќе го знаете и резултатот, рече тој. Првото рочиште од судењето за „Беса Транс“, компанијата во чиј автобус во ноември минатата година во несреќа загинаа 45 македонски државјани, денеска беше одложено за 15 ноември. Одлагањето уследи бидејќи не беа исполнети условите за одржување на јавна расправа поради тоа што обвинетото правно лице немаше официјален застапник. Во случајот обвинети се едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело „фалсификување исправа“. - Обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница. Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини, се наведува во обвинителниот предлог. Процесот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Владимир Милошевски. ар/сп/

Остани поврзан