• сабота, 23 ноември 2024

Алжир предлага план за шестмесечна транзиција на власта во Нигер

Алжир предлага план за шестмесечна транзиција на власта во Нигер

Алжир, 30 август 2023 (МИА)  – Шефот на алжирската дипломатија, Ахмед Атаф, предложи шестмесечен транзициски план за соседен Нигер, каде пучистите бараат подолга временска рамка за враќање на демократијата.

Министерот вчера  предложи шестмесечна преодна фаза за да му даде шанса на Нигер да го врати „уставниот и демократскиот поредок“. 

Лидерот на пучистите во Нигер, генералот Абдурахман Тијани, од друга страна, побара тригодишен преоден период. 

Шефот на алжирската дипломатија повтори дека Алжир се противи на воена интервенција во Нигер, додавајќи дека воздушниот простор на неговата земја нема да се користи за таква акција, пренесува „Франс 24“. 

Атаф го претстави својот предлог по минатонеделната посета на три соседни земји на Нигер, членки на Економската организација на западноафриканските држави –ЕКОВАС. 

ЕКОВАС претходно соопшти дека се подготвени воено да интервенираат во Нигер доколку, како што наведоа, не се врати демократијата во земјата. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан