Албанската влада ќе инвестира 118,5 милиони долари за проектот „Смарт Сити“ за поголема безбедност
- Албанската влада ќе инвестира 118,5 милиони долари во рамки на проектот „Смарт Сити“, со цел да ја зголеми јавната безбедност и безбедноста на патиштата преку вештачка интелигенција и инсталирање на камери на патиштата, радари, камери кои полицајците ќе ги носат на нивното тело и сензори за бучава.

Тирана, 12 март 2025 (МИА) – Албанската влада ќе инвестира 118,5 милиони долари во рамки на проектот „Смарт Сити“, со цел да ја зголеми јавната безбедност и безбедноста на патиштата преку вештачка интелигенција и инсталирање на камери на патиштата, радари, камери кои полицајците ќе ги носат на нивното тело и сензори за бучава.
Ова го изјави заменик министерот за внатрешни работи, Бесфорт Ламалари, при презентацијата пред Комисијата за надворешна политика на Предлог-законот за ратификација на договорот за заем меѓу Владата на Република Албанија и Фондот за развој на Абу Даби, за финансирање на проектот „Систем на камера под управа на државната полиција - Смарт Сити“.
-Овој договор за заем од аспект на техничка терминологија и преговарачки дел го покрива Министерството за финансии, но Министерството за внатрешни работи е крајниот корисник, преку Државната полиција, која ќе ја даде сета оваа поддршка која изнесува 118,5 милиони долари, од кои благодарение на спроведените преговори обезбеден е и грант од 20 милиони долари како дел од овој заем, рече Ламалари.
Овој проект, оценува тој, е од витално значење за земјата, бидејќи не само што ги зголемува параметрите за безбедност на патиштата, туку има и проширен концепт за јавна безбедност, проширување на безбедносните елементи и користење на вештачка интелигенција преку инсталирање радари, сензори за бучава и камери на телото, како на националните патни оски, но и во средини со големо јавно значење и изложеност, вклучително и училиштата.
-Ова е добра вест за наставниот кадар, родителската заедница, студентите и учениците кои ќе имаат корист од поставувањето на камери и интелигентни информации кои се собираат благодарение на Smart City(паметен град) и ќе се користат за првпат во нашата земја. Овој Предлог-закон кој е од големо значење за нашата држава, не само за безбедноста на патиштата, туку и за јавната безбедност, ќе биде имплементиран во период од една година, потенцира Ламалари. вт/