• среда, 27 ноември 2024

Алан Мичел: Затворениците во Северна Македонија мора да бидат третирани со достоинство и да имаат пристојни услови за живот 

Алан Мичел: Затворениците во Северна Македонија мора да бидат третирани со достоинство и да имаат пристојни услови за живот 

Брисел, 10 октомври 2024 (МИА) - Спроведувањето на реформите во затворскиот систем во Северна Македонија било главна тема на средбата на премиерот Христијан Мицкоски со претседателот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување (КПТ), Алан Мичел и заменик-гувернерот на Банката за развој на Советот на Европа (ЦЕБ), Томаш Бочек, соопшти Советот на Европа. 

- Премиерот беше информиран за лошата состојба во затворот „Идризово“, каде условите за притвор и натаму се ужасни за стотици затвореници. Допрва треба да се решат прашањата нагласени во Извештајот на КПТ по посетата во октомври 2023 година во врска со овој и другите затвори во земјата, како што се недостигот на персонал, корупцијата, отсуството на какви било целни активности, лошата здравствена заштита и насилство, се нагласува во соопштението. 

Според Советот на Европа, ваквите состојби во затворот не се нови предизвици, туку се показател за „неуспешен затворски систем кој се уште не инвестирал во професионален пристап на управување“. 

Во соопштението се додава дека Мичел на средбата посочил оти македонските власти треба да продолжат со напорите за имплементација на Патоказот за реформи во затворите, подготвен од КПТ, додека Бочек ја истакнал важноста да се обезбеди дека заемот на Банката за реконструкција на затворот „Идризово“ е соодветно и експедитивно реализиран.  

- И КПТ и ЦЕБ ја изразија својата посветеност да ги поддржат властите во нивните реформски напори. Како одговор, премиерот изјави дека неговата Влада ја препознава важноста на реформите во затворите како клучна компонента во системот на кривичната правда и дека земјата ќе се придржува до меѓународните обврски. Тој призна дека на затворскиот систем му се потребни поголеми инвестиции, се вели во соопштението. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Советот на Европа посочува и дека во разговори со министерот за правда Игор Филков и со директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов, претставниците на КПТ и ЦЕБ ја повториле потребата од „воспоставување јасни линии за известување и ефикасен надзор над управувањето во затворската служба“.  

Претставниците на КПТ и ЦЕБ имале средба и со државната секретарка во Министерството за здравство, Блерта Рама, со која разговарале за потребата од подобрување на состојбата со обезбедувањето здравствена заштита во затворите.  

- Обезбедувањето доволно здравствен персонал и здравствени простории соодветни за клиничките потреби, се предуслови за да се понуди еднаква грижа за лицата во затвор, посочува Советот на Европа. 

По средбите, претседателот на КПТ, Мичел оцени дека затворите се сложени институции кои бараат управување од професионални менаџери и персонал. 

- Со цел ефикасно да се спречи лошото постапување, Северна Македонија има должност да обезбеди сите лица во затворите да бидат третирани со достоинство и да им се обезбедат пристојни услови за живот, додаде Мичел. 

Според Бочек, македонската Влада мора веднаш да преземе акција во согласност со препораките на КПТ и да се обврзе да го обезбеди својот дел од финансирањето за затворскиот проект или ризикува да ги загуби преостанатите 25 милиони евра од договорот за заем меѓу ЦЕБ и Владата за изградба на нови објекти во затворениот оддел и во истражниот затвор во „Идризово“.  

- Банката има одлична соработка со македонските власти за низа социјални и образовни проекти и сака да продолжи да ги поддржува развојните предизвици во земјата каде што тоа е потребно, рече Бочек, додавајќи дека верува оти земјата нема да се доведе во состојба да ги изгуби преостанатите средства од заемот за обнова на „Идризово“. 

Во соопштението се информира дека пред средбите со претставниците на македонските власти, одржани во вторникот, членовите на делегацијата на КПТ и ЦЕБ во понеделникот се сретнале и со шеф на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас со кого разговарале за „важноста на реформите во затворите, како клучен аспект на правосудниот систем“. 

Инаку, покрај Мичел и Бочек во состав на делегацијата на Советот на Европа биле и членката на КПТ, Слава Новак, извршниот секретар на Комитетот, Хју Четвинд и претставникот на Секретаријатот на КПТ, Кристијан Лода, како и Сонај Канбер од ЦЕБ. 

Посетата на делегацијата на Советот на Европа доаѓа по објавувањето на одговорот на македонските власти на наводите во Извештајот на КПТ. сп/нд/

Фото: МИА aрхива 

Остани поврзан