• петок, 14 март 2025

Акции за мерење очен притисок во Штип

Акции за мерење очен притисок во Штип

Штип, 13 март 2025 (МИА) – Екипи на Клиничката болница-Штип денеска реализираат акции за мерење на глауком во холот на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“-Штип и на Факултетот за медицински науки при Универзитетот „Гоце Делчев“.

Раководителот на Катедрата за офталмологија при Факултетот за медицински науки при УГД-Штип Страхил Газепов истакна дека по седум години Клиничка болница-Штип ја возобновува акцијата за мерење очен притисок. Посочува дека болеста глауком е подмолна болест, која не предизвикува болки на очите, пореметување на видот, ниту пак чешање и црвенило на окото.

-Акцијата е успешна, одзивот е огромен и резултати се видливи. Во овој момент имаме 38 мажи на кои им е измерен очниот притисок и на 30 жени, од нив на 13 мажи и на 14 жени им е констатирано дека имаат зголемен очен притисок. Самото ова може да се забележи колку е зголемен бројот на пациенти со очен притисок, кој е најголем ризик фактор за добивање на глауком. Сите овие граѓани се упатени да се јават во очните амбуланти и да се извршат други дополнителни прегледи, изјави Газепов.

Тој истакна дека ваквите акции треба да се прават почесто со цел порано да се открие очниот притисок кај пациентите. Глаукомот е поврзан со возраст, односно пациентите по 40 година задолжително треба да направат преглед кај очен лекар.

-Нема никакви симптоми, а перманетно го оштетува очниот нерв и знае оваа болест да биде толку подмолна, кога пациентите ќе дојдат кај очен лекар веќе имаат сериозни нарушувања на очниот нерв и со тоа да има траен губиток на видот. Апел наш е еднаш годишно пациентите да си го прегледат очниот притисок се со цел рано откривање, изјави Газепов.

Глаукомот е втора причина за слепило, а на прво место е катарктата на светско ниво. Глаукомот има генетска компонента, но и седењето пред компјутер или на мобилен телефон, како и модерниот начин на живот, кој носи стрес, потоа немање на доволна физичка активност придонесуваат за појава на очниот притисок.

Во текот на утрешниот ден бесплатна акција за мерење очен притисок ќе се реализира и во ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип. вдј/мд/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан