• вторник, 19 ноември 2024

Аеродромот Скопје го доби признанието „Гласот на клиентот“ од Меѓународниот совет на аеродроми

Аеродромот Скопје го доби признанието „Гласот на клиентот“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Скопје, 9 февруари 2021 (МИА) - Меѓународниот Аеродром Скопје е добитник на признание од Меѓународниот совет на аеродроми наречено „Гласот на клиентот“, со кое им се оддава признание на аеродромите што вложиле и покажале значајни напори во собирање повратни информации од патниците преку програмата за Квалитет на аеродромските услуги, а со цел подобро да ги разберат нивните клиенти за време на пандемијата. Ова признание, како што информираат од ТАВ Македонија, се доделува на аеродромите што и понатаму даваат приоритет на нивните клиенти и останаа верни на заложбата дека гласот на патниците е слушнат дури и за време на пандемијата со КОВИД-19 во 2020 година. -Среќни сме што Меѓународниот совет на аеродроми ни го додели ова признание за Меѓународниот Аеродром Скопје, како еден од 140-те аеродроми на светско ниво, коишто продолжија да ги слушаат мислењата на клиентите, дури и во овие тешки времиња за аеродромите предизвикани од пандемијата со КОВИД-19. И покрај тешките околности, и борбата да се опстане, ние сепак одлучивме дека задоволството на клиентите ќе остане еден од нашите врвни приоритети, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија. Скопскиот аеродром е меѓу 140-те аеродроми низ светот што го добиваат ова признание, а припаѓа во групата од 33 аеродроми во регионот на Европа; признанието го добија и 69 аеродроми во Азиско-Пацифичкиот регион, 24 аеродроми од Северна Америка, шест аеродроми од Африка, пет аеродроми од Латинска Америка-Кариби и три аеродроми од Блискиот Исток. Пандемијата со КОВИД-19 предизвика сериозен удар врз авијацијата. ТАВ Македонија ја заврши 2020 година со пад во патничкиот сообраќај од 71 процент. Од 2.677.618 патници во 2019, во текот на цела 2020 година, двата аеродрома, Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид, имаа вкупно 782.876 патници. Од ТАВ Македонија, како најголемиот предизвик за закрепнување на патничкиот сообраќај, ги посочуваат рестрикциите за патување за македонските граѓани воведени од земјите членки на ЕУ/Шенген зоната, каде е концентриран преку 77 проценти од македонскиот авиосообраќај.  аа/дма/

Остани поврзан