• среда, 27 ноември 2024

АД ЕСМ набави опрема за оптимизација на производството во РЕК Битола

АД ЕСМ набави опрема за оптимизација на производството во РЕК Битола

Скопје, 25 март 2024 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши денеска заедно со министерот за индустрија и трговија на Република Чешка, Јозеф Сикела и менаџментот на РЕК Битола извршија официјално примопредавање на опрема за хомогенизација на јаглен во топланата РЕК Битола, соопштија од Министерството за економија.

Опремата е набавена од чешкиот производител Енелекс, а со оваа опрема ќе се оптимизира работењето на РЕК Битола и во делот на ископаниот јаглен и во делот на производстовото на електрична енергија.

Министерот Бектеши нагласил дека ова е значајна инвестиција во РЕК Битола.

- Овој нов систем ќе придонесе за максимално искористување на ресурсите што ги имаме на располагање во процесот на производство на електрична енергија, потенцирал Бектеши на примопредавањето на опремата во округот на РЕК Битола.

Директорот на РЕК Битола Пеце Матевски објаснил дека новиот систем се состои од 14 автоматски единици поставени и на багери за ископ и на транспортни траки за транспорт.

- Овие едниници во реално време земаат примероци од јаглените што се ископуваат и транспортираат од рудниците ПСЈ Суводол и Брод Гнеотино. Во исто време како што се земаат примероците се анализира квалитетот на јагленот и податоците се праќаат во софтвер кој го следат стручни лица и одлучуваат колку количини од кој јаглен ќе се измешаат за да се постигне највисока калорична вредност на јагленот, а со тоа и ќе се произведе максимално количество на електрична енергија, појаснил директорот на РЕК Битола, Матевски, се наведува во соопштението.

Од АД ЕСМ соопштија дека е набавена нова опрема за оптимизација на процесот на производство во РЕК Битола. Системот за хомогенизација на јаглените е производство на чешката компанија Енелекс, реномирана фирма која е присутна со вакви и слични инсталации низ многу рудници во светот. Набавката на опремата, се подвлекува во соопштението, започна во 2023 година и се користи во РЕК Битола веќе неколку месеци.

Генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Стефанов, нагласил дека се работи за значајна инвестиција на компанијата, во насока на максимално искористување на ресурсите.

Како што стои во соопштението, увид во работењето на системот денеска извршил и министерот за индустрија и трговија на Република Чешка, Јозеф Сикела.

- Среќен сум што сум денес тука, во РЕК Битола во увид на опремата набавена од нашата чешка фирма Енелекс. Морам да подвлечаам дека нашите две земји имаа добри односи не само во трговијата и економијата, туку и во безбедноста и во геополтичките прашања. Потврда за тоа се посетите на различни државни функционери на Скопје и Прага изминатиов период. Се надевам дека ќе ја интензивираме соработката и ќе отвориме ново и уште подинамично поглавје во односите помеѓу двете земји, рекол чешкиот министер, Сикела.

Министерот за економија Крешник Бектеши порачал дека работните состаноци на чешкиот колега се во насока на зголемување на динамиката на македонско – чешката трговска размена.

- Големо е задоволството да го имам на гости денес во РЕК Битола чешкиот колега и заедно да посведочиме на заокружувањето на една голема чешка инвестиција во земјава која треба да го зголеми квалитетот на работењето на комбинатот. Воедно тоа ќе биде во интерес на зголемување на производството на електрична енергија во нашата држава, изјавил министерот Бектеши. цр/лв/

Фото: Министерство за економија

Остани поврзан