Агресијата кај малолетниците, рефлексија на влијанието на социјалните мрежи и економската криза
- Агресијата е чувство кое најчесто полека, но сигурно се „вбризгува“ кај лицата кои се чувствуваат осамено, се сомневаат во себе, имаат незадоволство од финансиската состојба, или пак, не прим

Скопје, 24 октомври 2022 (МИА) – Агресијата е чувство кое најчесто полека, но сигурно се „вбризгува“ кај лицата кои се чувствуваат осамено, се сомневаат во себе, имаат незадоволство од финансиската состојба, или пак, не примаат доволно љубов. Овие чувства најчесто се филтрираат преку социјалните мрежи и економската криза. Според училишниот и семеен психолог Ивана Велевска причините поради кои агресијата се јавува се емоционалното потекло, стресот, социјалните мрежи и финансиската состојба.
-Агресијата е се почеста појава во денешно време, не само кај возрасните туку и кај малолетниците, па дури според некои истражувања се почесто се јавува и кај деца од предучилишна возраст. Социјалните мрежи кои во последно време се достапни речиси за сите луѓе и возрасти, каде што се почесто се прикажуваат содржини со насилно однесување допринесуваат децата и младите да го копираат таквото однесување и истото да го манифестираат кај своите врсници, исто така финансиската состојба на семејството допринесува за тоа нивото на агресија да расте, појаснува Ивана Велевска.




-Најчесто тие лица бурно реагираат на најмали случувања, своето незадоволство го искажуваат веднаш, најчесто со повишување на тонот, а неретко се случува да фрлаат со предмети наоколу, да удираат со раце по маса или да уништуваат одредени предмети. Кај учениците агресијата може да се забележи од оној момент кога детето не успее во дадена активност да го фрла и уништува училишниот прибор, а често се случува своето незадоволство да го искажуваат преку влегување во конфликт со наставниците, особено кога се опоменети поради нивното несоодветно однесување. Ваквите деца дома може да се препознаат исто така ако се затвараат во себе, избегнуваат разговор со блиските членови од семејството и не споделуваат случувања од нивното секојдневие, особено тогаш кога се прашани. Значи прво се повлекуваат во себе, а потоа таа повлеченост често резултира со појава на агресивно однесување бидејки бесот и незадоволството расне внатре во нив и еден ден ке експлодира, буквално како бомба, вели психологот во разговор за МИА.
Додава дека за жал физичките пресметки се зачестени во училиштата, бидејќи младите сакаат брзо да ги решаваат проблемите и се почесто го избегнуваат вербален начин за нивно решавање. Советува дека треба да се победи срамот во однос на посета и разговор со психолог, како и дека родителите треба да поминуваат повеќе време со нивните деца.
-Кога зборувам за поминување време со децата, не мислам само на заедничкото пишување домашни, носење на различни тренинзи и курсеви туку на време поминато во разговор, игри и прошетки со децата. Знам дека живееме брз начин на живот и дека времето е кратко, а обврските се поголеми, но добро е да се одреди ден кога целото семејство ке биде заедно, па макар од почетокот да биде на некој начин обврска, додека истото тоа поминување на заедничко семејно време да стане навика, желба и потреба. Во образовните институции потребно е поголема соработка помеѓу наставниците и стручниот кадар, како и пмеѓу наставниците и родителите. Пожелно е децата да не се заплашуваат дека доколку не се мирни ке одат на разговор кај психологот, поради што тие подоцна посетата кај психолог ја сфакаат трагично и страшо. Поради тоа не се осмелуваат да споделат кога имаат некои емоционален проблем бидејки се плашат од осуда или потсмевање од врсниците, потенцира Велевска.
Кордалов порачува дека кога станува збор за социјалните мрежи секој родител или возрасно лице треба постојано да се едуцира за новитетите и позитивните страни на интернетот и неопходно е Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука да изготват официјален курикулум за дигитални содржини кои ќе бидат дел од наставата и секој час на учениците уште од почетокот на нивното образование.
-Сметам дека е потребно уште од најрана возраст децата и младите да ги фокусираме кон корисните интернет содржини. Кон содржини кои се едукативни, применливи во процесот на учење, квалитетно поминување на слободното време и најважно од сѐ кон стекнувањето на вештини и знаење кои ќе им користат во текот на целиот живот. Интернетот е полн со такви содржини, еднакво барем колку што може да се сретнат и оние негативните, лоши содржини за развојот на децата и младите, оценува Кордалов.
Она што е најважно е да не се дозволи децата да израснат во личности кои своите емоции, незадоволства и фрустрации ќе ги искажуваат преку насилство. Тоа може да се постигне само со обрнување на внимание на емоциите на децата, победување на срамот за потребата од психолог, и едукација во однос на апсорбирањето на содржините кои се пласираат на социјалните мрежи. Симона Србиноска