• петок, 08 ноември 2024

Австриецот Магнус Брунер и Французинот Тјери Бретон официјално номинирани за нови еврокомесари 

Австриецот Магнус Брунер и Французинот Тјери Бретон официјално номинирани за нови еврокомесари 

Брисел, 1 август 2024 (МИА) – Владата на Австрија официјално го предложи министерот за финансии Магнус Брунер за нов австриски еврокомесар, додека претседателот на Франција, Емануел Макрон реши за француски член на новата Европска комисија да го номинира актуелниот еврокомесар за внатрешен пазар Тјери Бретон. 

Номинацијата на Брунер ја најави австрискиот канцелар Карл Нехамер во објава на Икс. 

- Магнус Брунер е искусен политичар со високо ниво на познавање за финансиската, економската и конкурентска политика, како на национално, така и на европско ниво, наведе Нехамер во објавата. 

Номинацијата на 52-годишниот Брунер, кој е член на конзервативната Австриска народна партија (ОВП), сега официјално треба да биде потврдена со Одлука на Владата и одобрена од Долниот дом на Парламентот на Австрија. Сепак овие процедури се сметаат за чисто формални, имајќи предвид дека кандидатурата на Брунер ја поддржаа двете членки на владината коалиција – ОВП и партијата Зелени – Зелена Алтернатива (Грунен). 

Брунер треба да го наследи актуелниот еврокомесар за буџет и администрација и поранешен еврокомесар за проширување и соседство и за регионална политика, Јоханес Хан, кој е австриски член на Еврокомисијата од 2010 година. 

Од Виена претходно стигнуваа најави дека би сакала во новата Комисијата нејзиниот еврокомесар да раководи со ресорите проширување, миграции, одбрана или земјоделство, но објавата на Нехамер на Икс може да сугерира дека Австрија пледира на финансиските услуги, економијата, трговијата или конкурентноста.  

Од друга страна, Макрон се реши одново да го номинира Бретон, чија кандидатура се најавуваше веќе извесен период, а во нејзин прилог одеа и пофалните зборови на францускиот претседател упатени сметка на еврокомесарот за внатрешен пазар на маргините на Европскиот совет одржан кон крајот на јуни во Брисел. 

Во писмото упатено до Фон дер Лајен, со кое го предлага Бретон за член на ЕК, Макрон ги потенцира неговите „квалитети и искуство, особено покажани за време на претходниот мандат“. Според Макрон, во прилог на Бретон одат и „неговата општа стручност и неговиот европски ангажман“, што ќе му овозможат да продолжи да ги извршува неговите идни одговорности во Комисијата на „независен начин“. 

На 69-годишниот Бретон како заслуги во претходниот мандат му се припишуваат подготовката и усвојувањето на законите за дигитални услуги и за дигитални пазари, поставувањето на темелите на заедничка европска одбранбена индустрија и подготовката на концептот за „стратешка автономија“ на ЕУ. 

Бретон, официјално се води како непартиски кадар, иако е поранешен член на некогашниот конзервативен Сојуз на народното движење (УМП), а сега важи за близок до Макрон и неговата центристичка партија Ренесанса, која е дел од либералната група „Да ја обновиме Европа“. 

Франција најави дека сака нејзиниот претставник во новата Еврокомисија да добие „моќен“ ресор кој би ги вклучувал стратешкиот суверенитет на ЕУ, индустријата, трговијата и финансиите.   

Но, проблем околу кандидатурата на Бретон може да бидат неговите „заладени односи“ со Фон дер Лајен, имајќи ги предвид нивните претходни несогласувања и како и критиките од негова страна на сметка на претседателката на ЕК и оспорувањето на нејзиниот кредибилитет, откако таа со тесно мнозинство официјално беше номинирана за „шпиценкандидат“ на Европската народна партија (ЕПП) за јунските евроизбори. Дополнително, Бретон лани жестоко се противеше на именувањето на „штитеничката на Фон дер Лајен“, Фиона Скот Мортон за главен економист за конкурентност на ЕУ, сага која заврши со нејзино повлекување од трката. 

Со ова, Австрија и Франција се придружија на групата од неколку земји кои решија да го игнорираат барањето на претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен секоја членка да предложи по двајца кандидати за еврокомесар – еден маж и една жена. 

Претходно, по еден кандидат номинираа и Ирска – доскорешниот министер за финансии Мајкл Мекграт, Летонија – извршниот потпретседател на ЕК за економија во интерес на луѓето и еврокомесар за трговија Владис Домбровскис, Малта – поранешниот шеф на Кабинетот на малтешкиот премиер Роберт Абела, Глен Микалеф, Словачка - потпретседател на Еврокомисијата за Зелениот договор и за меѓуинституционални односи Марош Шефчович, Финска - актуелната европратеничка и поранешна министерка за образование, за јавна администрација и локална самоуправа и за транспорт Хена Виркунен, Унгарија - еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји, Холандија - еврокомесарот за климатска акција Вопке Хукстра, Чешка - министерот за индустрија и трговија Јозеф Сикела, Шведска - министерката за европски прашања и нордиска соработка Јесика Розвал и Шпанија - министерката за енергија Тереза Рибера.  

Фон дер Лајен минатата недела упати официјално барање до земјите членки на ЕУ да номинираат свои кандидати за еврокомесари најдоцна до 30 август. Таа по нејзиниот реизбор за претседателка на ЕК од страна на Европскиот парламент најави дека ќе побара од земјите членки да предложат по еден маж и една жена за кандидати за еврокомесари, како дел од нејзиниот стремеж за полова рамноправност, односно еднаков број на мажи и жени во Комисијата.

Извори во ЕУ, сепак посочија дека земјите членки сепак не се обврзани да предлагаат по двајца кандидати. - Според Договорите (на ЕУ), земјите членки треба да дадат кандидат, во еднина, не двајца. Бидете уверени дека некои ќе се одлучат да не предложат двајца кандидати, бидејќи свесно го направиле својот избор (за еврокомесар) во согласност со она што за нив има смисла од  политички аспект, изјави европски дипломатот. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан