• понеделник, 23 декември 2024

Австралија избриша град од својата мапа

Австралија избриша град од својата мапа

Перт, 16 ноември 2023 (МИА) - Витенум е мал град во сојузната држава Западна Австралија наречен - „најопасното на светот“. Се вели, само вдишување воздух во него е доволно да убие. Поради тоа, местото денес е напуштено и се брише од картите, а тука некогаш живееле илјадници луѓе.

Имено, австралиските власти го избришаа Витенум од мапата во обид да ги одвратат посетителите. Инаку, до 2015 година тука имало само шест жители, а до годинава останала само 80-годишната Лорејн Томас. Последната жителка на оваа населба се откажа од борбата за престој во своето место во мај годинава.

Некогаш раздвижениот рударски град е всушност смртоносен и се наоѓа сред најзагаденото подрачје на Земјината јужна хемисфера.

Оваа област, се вели, никогаш нема да биде безбедна за живеење, поради постојаната опасност од азбестоза - но, некои луѓе сепак не можат да ѝ одолеат на можноста за „туристичка авантура“, и Тикток-тури, и покрај предупредувањата на надлежните власти за големите опасности по животот.

При врвот на својот развој - 1930-тите, неколку илјади луѓе живееле во Витенум. Почвата во ова место е богата со син азбест и многу Австралијци се населиле таму за да најдат работа околу рудниците. И следните неколку десетлетија тој бил рударски град... Но, рудниците се затвориле во 1996 година, поради премалата заработка, но уште поважно - големите човечки загуби.

Според податоците, над 2.000 работници и жители починале од вдишување на смртоносните азбестни влакна. Воздухот и денес е штетен, па Владата веќе ги урива живеалиштата, ја затвори депонијата за отпад од рудниците, сѐ со цел - потполно затворање на населбата. И покрај тоа, тука сѐ уште има три милиони тони отпад од азбест.  си/

Фото: Википедија

Остани поврзан