• сабота, 23 ноември 2024

Абазовиќ: ЕУ да сфати дека Западен Балкан или целосно ќе се интегрира или ќе остане црна дупка

Абазовиќ: ЕУ да сфати дека Западен Балкан или целосно ќе се интегрира или ќе остане црна дупка
Атина, 5 јули 2022 (МИА) – Европските институции треба да сфатат дека Западен Балкан имаат два патишта: едниот е целосно да се интегрира во ЕУ, што е желбата на сите овие земји, а другиот е да остане црна дупка што е голем проблем и за безбедноста во Европа, порача премиерот на Црна Гора Дритан Абазовиќ за време на неговото учество на конференцијата на Економист во Атина и истакна дека идејата е процесот на проширување да остане жив, јави дописничката на МИА од Атина. На панел дискусијата на која учествуваше заедно со поранешниот премиер на Северна Македонија Зоран Заев и премиерот на Косово Албин Курти, Абазовиќ истакна дека она што се случува сега во Украина наликува на нешто слично што се случи на Балканот пред 20-30 години и истакна дека не е невозможно во вакви геополитички услови, „ако не бидеме прифатени од ЕУ да имаме слични проблеми некогаш во иднина“. -Единствениот начин за справување со негативното влијание од Русија или било кое друго негативно влијание на некои супер сили е да се има позитивно влијание од ЕУ. А ЕУ треба да има позитивно влијание врз нашите земји, истакна Абазовиќ. Додаде дека Црна Гора сака сите земји од регионот да одат напред, за Западен Балкан да се комплетира како европски регион. -Сите треба да знаат дека на национализмот на Западен Балкан е длабоко поврзан со корупција. Политичарите кои промовираат национализам се длабоко поврзани со корупцијата. Не сакаат државите да одат напред, сакаат статус кво, порача црногорскиот премиер и додаде дека потребно е да се води борба против тоа. Говорејќи за Црна Гора, објасни дека тие 100 проценти ја следат надворешната политика на ЕУ и иако имаат историски врски со Русија, сепак Владата е посветена на санкциите. Изрази поддршка за секоја регионална иницијатива што, како што рече, „ќе ги носи земјите напред“, споменувајќи го и Отворен Балкан и објасни дека иако не се дел од иницијативата, сепак ја поддржуваат. Истакна дека „регионалните иницијативи се механизам што може нашиот интегративен процес кон ЕУ да го направи побрз“. ср/

Остани поврзан