• среда, 01 јануари 2025

АА на Таравари одржа седница на Собранието на партијата, функционерите информирале за својата работа

АА на Таравари одржа седница на Собранието на партијата, функционерите информирале за својата работа

Скопје, 29 декември 2024 (МИА) - Алијансата за Албанците денеска во Струга одржала седница на партиското собрание на кое претседателот на партијата Арбен Таравари и функционери на партијата информирале за својата работа. 

Според АА, со ова се поставува нов стандард во внатрепартиската отчетност и транспарентност во партијата. 

-Сите функционери, без исклучок, известуваа за својата работа пред собраниските членови. Оваа иновативна практика на отчетност, преземена од АА, ги вклучува претседателот на партијата, министрите, замениците министри, пратениците, директорите и други функционери. Дополнително, овој нов пристап ќе се прошири и на локално ниво, со што одговорноста ќе биде задолжителна во сите ограноци на АА, соопштија од партијата. 

Аријанит Река бил избран за претседател на Академијата на АА, независно партиско тело кое, како што се наведува во соопштението, има за цел да промовира структуриран и инклузивен дијалог, негувајќи култура на разбирање, компромис и меѓусебно почитување меѓу членовите со различни политички идеи во партијата.

-AА продолжува со посветеност на добро владеење и вклученост засновано на транспарентност и отчетност, донесувајќи нов модел за политичките партии во земјата, се посочува во соопштението од Алијансата на Албанците. ев/

ФОТО: АА

 

Остани поврзан