„СВОД МАСТЕР АД“ ќе емитува иницијална јавна понуда на акции преку Македонската берза заради докапитализација
- Акционерското друштво „СВОД МАСТЕР“, коe управува со стриминг платформата „Глеј“ (GLEY), денеска соопшти дека донело одлука да емитува иницијална јавна понуда на акции (IPO) преку Македонска берза. Одлуката е донесена од Собранието на Друштвото на 22 јануари годинава и како што соопштуваат, тоа ќе биде и првата IPO на домашната берза од компанија, која преку постојано унапредување и развој на дигиталните услуги, ја задржува својата висока конкурентност на пазар кој глобално бележи раст.
Скопје, 29 јануари 2025 (МИА) - Акционерското друштво „СВОД МАСТЕР“, коe управува со стриминг платформата „Глеј“ (GLEY), денеска соопшти дека донело одлука да емитува иницијална јавна понуда на акции (IPO) преку Македонска берза. Одлуката е донесена од Собранието на Друштвото на 22 јануари годинава и како што соопштуваат, тоа ќе биде и првата IPO на домашната берза од компанија, која преку постојано унапредување и развој на дигиталните услуги, ја задржува својата висока конкурентност на пазар кој глобално бележи раст.
Процесот за подготовка на друштвото за котирање на Берзата почнал во текот на минатата година со трансформација на „СВОД МАСТЕР ДОО “ во акционерско друштво.
Дарко Перушески, извршен директор на „СВОД МАСТЕР АД“ во пишана изјава појаснува дека се подготвени за нова фаза, како што вели, инвестиција во наши оригинали, програми кои ексклузивно ќе бидат достапни кај нас и зајакната набавка на детска и друга странска програма како основа за рапиден раст на претплатниците и приходите.
- Во изминатите, речиси повеќе од три години, преку континуиран раст успеавме да влеземе во повеќе од 80.000 домови, ја обединивме речиси цела македонска филмска и сериска програмска понуда, понудивме многу детски наслови синхронизирани на мајчин јазик и воспоставивме широка покриеност на уреди преку кои може да се пристапи до програмскиот каталог на GLEY, кој брои над 2600 часови програма. При крајот на минатата година, покрај претплатата, воведовме и пакети со реклами кои носат уште една можност за приход. Имаме одлична соработка со двата големи телекомуникациски оператори како дистрибутивни и продажни канали. Спремни сме за новата фаза, инвестиција во наши оригинали, програми кои ексклузивно ќе бидат достапни кај нас и зајакната набавка на детска и друга странска програма како основа за рапиден раст на претплатниците и приходите. Во потрага за финансиски средства за овој исчекор, повторно следејќи ги светските трендови, се одлучивме за уште еден пионерски чекор – емисија на нови акции, односно докапитализација на берза, нудејќи профитабилни проекти и дополнителна вредност за идните акционери, со стабилна основа за долгогодишен успех. Со ова ќе се зацврсти и лидерската позиција на GLEY во зачувување на македонската култура и јазик во дигиталниот свет, велиПерушески, извршен директор на „СВОД МАСТЕР АД“.
Бројот на корисници на GLEY во 2024 се зголемил за над 30 проценти во однос на 2023 година, додека во истиот период растот на приходите од претплата изнесува над 20 проценти. Просечно до сервисот пристапуваат над 20.000 корисници месечно, а само лани сервисот го користеле над 70 илјади корисници.лв/са/
Фото: „СВОД МАСТЕР“