• петок, 05 декември 2025

Јужнокорејскиот претседател Ли побара помош од Пекинг во напорите за продолжување на преговорите со Пјонгјанг

Јужнокорејскиот претседател Ли побара помош од Пекинг во напорите за продолжување на преговорите со Пјонгјанг

Гјонгџу, 1 ноември 2025 (МИА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска му рече на својот јужнокорејски колега Ли Џае Мјунг дека е подготвен да ја прошири соработката меѓу двете земји и заеднички да се справат со предизвиците, додека Ли побара помош од Пекинг во напорите за продолжување на преговорите со соседната Северна Кореја, која поседува нуклеарно оружје.

Ли се сретна со Си по самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во јужнокорејскиот град Гјонгџу, што е воедно и прва посета на Си на сојузникот на САД по 11 години.

- Пекинг им придава големо значење на односите со Сеул и ја гледа Јужна Кореја како неизоставен кооперативен партнер, рече Си пред средбата меѓу двајцата лидери, објави канцеларијата на јужнокорејскиот претседател во соопштение за медиумите.

Ли, избран на предвремени избори во јуни, вети дека ќе ги зајакне врските со својот сојузник САД без да ја антагонизира Кина. Тој, исто така, се обидува да ги намали тензиите со Северна Кореја.

- Многу сум оптимист во врска со ситуацијата во која се утврдени условите за комуникација со Северна Кореја, рече Ли, осврнувајќи се на неодамнешните преговори на високо ниво меѓу Кина и Северна Кореја.

Тој изрази надеж дека Јужна Кореја и Кина ќе ги искористат овие поволни услови за зајакнување на стратешката комуникација со цел да се продолжи дијалогот со Северна Кореја.

Ли повика на пристап кон денуклеаризацијата на Северна Кореја, кој би се одвивал во повеќе фази, а би почнал со отворање на комуникациите и замрзнување на понатамошниот развој на нуклеарното оружје. Пјонгјанг, воениот и економски сојузник на Кина, денеска ја отфрли програмата за денуклеаризација. рп/

Фото: ЕПА

Остани поврзан