Јон Кета нов шеф на Националното биро за истраги на Албанија
- Високиот совет на обвинители денеска го избра новиот шеф на Националното биро за истраги или како што го нарекуваат албанско ФБИ.
Тирана, 9 декември 2025 (МИА) - Високиот совет на обвинители денеска го избра новиот шеф на Националното биро за истраги или како што го нарекуваат албанско ФБИ.
За прв човек на Бирото едногласно е избран Јон Кета (37), кој на чело на оваа значајна институција ќе биде следните пет години.
На седницата одржана зад затворени врати, присуствувале претставници на САД, дел од мисијата за помош на Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК).
-Со кариера во подем како службеник на судската полиција во поранешното Одделение за сериозни кривични дела, а потоа како истражител во Националното биро за истраги и заменик-директор во последните два месеци, Кета ги надмина сите пречки во трката за директор на бирото, објавија медиумите.
Неговото име беше утврдено за време на состанокот на комисијата за селекција составена од тројца обвинители од СПАК и, по постигнатиот договор, беше предложено на гласање до Високиот совет на обвинители, што е институцијата задолжена со закон за назначување и прогласување на крајот на мандатот на директорот на бирото.
Џон Кета 15 години работел во правосудниот систем како службеник во судската полиција и е познат по своето искуство во истрагите за финансиски и организиран криминал.
Тој доаѓа на местото на досегашната директорка, Аида Хајнај, која дојде од функцијата заменик-генерална директорка на албанската државна полиција. вт/мс/
Фото: Висок совет на обвинители