• петок, 05 декември 2025

ЈКП „Стандард“ почна со распределба на канти наменети за собирање на мешан комунален отпад

ЈКП „Стандард“ почна со распределба на канти наменети за собирање на мешан комунален отпад

Дебар, 4 декември 2025 (МИА) - Дебарското јавното комунално претпријатие „Стандрад“ почна со распределба, по населените места, на пластични канти, наменети за собирање мешан комунален отпад.

-Почнавме со распределба на пластичите канти кои ги добивме неодамна и тоа најпрво по населените места, а потоа и во градот. Во селата Могорче и Горно Косоврасти доставени се по 100 канти, во Долно Косоврасти 130 во селата Џепиште и Отишани 150 канти. Приоритет се домаќинствата кои не поседуваат вакви канти, изјави за МИА директорот на претпријатието, Нертил Османи.

Првиот контингент од 2.542 канти, секоја со капацитет од 120 литри, претпријатието го доби на 18 ноември.

-Ова претставува една од шесте клучни точки во проектот поддржан од Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Швајцарската агенција за развој и соработка – SECO, како дел од Регионалната програма за управување со цврст отпад во Југозападниот плански регион. Ова е само првиот чекор кон нашата цел – да го направиме Дебар еден од најчистите општини, рече при приемот градоначалникот Фисник Меља.

Претставниците на месните заедници на споменатите села изразија благодарност и надеж дека „овој чекор ќе биде поттик за сите за почиста и поуредна средина“ и апелираа „заедно да продолжат да градат почисто и поубаво место за живеење“.

ЈКП „Стандрад“ освен што се грижи за комуналната хигиена во градот и населените места, стопанисува и со водоводот Росоки-Дебар, од каде со вода за пиење се снабдува градот Дебар, селата Рајчица и Долно Косоврасти, како и дел од општина Центар Жупа, преку кралот кој се издвојува кај Мелнички Мост. вт/дма/

Фото: ЈКП Стандард“

Остани поврзан