• петок, 21 февруари 2025

Лекарскиот колегиум на Клиниката во Козле бара разрешување на в.д. директорката, од Клиниката велат дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика мора да биде санкционирано

Лекарскиот колегиум на Клиниката во Козле бара разрешување на в.д. директорката, од Клиниката велат дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика мора да биде санкционирано

Скопје, 31 јануари 2025 (МИА) - Секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице мора да се санкционира, се вели во пишаната реакција од Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“, откако денеска лекарскиот колегиум на Клиниката со протестно писмо побара разрешување на  в.д. директорката д-р Каролина Симоновска. 

- По однос на оркестрираниот политички напад врз ЈЗУ Универизитетска клиника за респираторни заболувања кај децата Козле в.д. директорката д-р Каролина Симоновска, јавноста треба да знае дека секое лекарско однесување надвор од лекарската етика, а особено при извршување на оперативен зафат на малолетно лице, мора да се санкционира како не би настанале полоши последици за кои потоа доцна би било каква реакција. Дрското однесување и попречување на работата е недозволено и мора да биде санкционирано без оглед за кого се работи. Цел стручен колегиум стои на таа одлука. Клиниката работи по закон и спроведува законски прописи, се наведува во реакцијата на Универзитетската клиника за респираторни заболувања кај децата Козле.

Лекарскиот колегиум на Клиниката за респираторни заболувања кај децата Козле во протесното писмо испратено до медиумите побара итно и неодложно разрешување на в.д. директорката Каролина Симоновска бидејќи е донесена одлука за разрешување на д-р Веселинка Митровска Јосифовска, ОРЛ специјалист и бронхоскопист со долгогодишно искуство.

Во писмото лекарскиот колегиум бара од надлежните институции, од министерот за здравство и од премиерот, да стават крај на, како што се наведува, своеволието на д-р Симоновска бидејќи, како што велат, Клиниката „Козле“ е државна институција од огромно значење во пружањето здравствена заштита на највулнерабилната група на пациенти - децата.

- Последниот скандал што ја потресе клиниката, лекарите како и нашите пациенти е дека д-р Веселинка Јосифовска Митровска е бескрупулозно избркана од работа. Во отказното решение добиено од раководството таа е обвинета дека физички присуствувала во кабинетот за бронхоскопија кога се интервенирало на вадење на страно тело од дишните патишта на еден од нашите пациенти, се вели во писмото од Лекарскиот колегиум на Клиниката во кое тие и даваат поддршка на докторката.

Лекарите од „Козле“ велат дека токму присуството на докторката во посочениот кабинет ја потврдува нејзината загриженост за здравјето на пациентите што се во нејзин домен.

- Докторката Јосифовска се соочува со непријатна средба со директорката, и тоа за време на интервенцијата, и истата се обидувала насилно да ја острани од кабинетот за што постојат сведоци. Ја информираме јавноста дека интервенцијата кај детето резултирала со успех, извадено е туѓо тело од дишните патишта на пациентот, се наведува во писмото од Лекарскиот колегиум.

Лекарите сметаат дека на нивната колешка и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добила отказно решение.

- Изразуваме најсилна безрезервна поддршка за нашата колешка д-р Веселинка Јосифовска Митровска за која сметаме дека и е нанесена целосна неправда и без никаква вина добива отказно решение од актуелното раководство, истакнуваат во писмото од Лекарскиот колегиум.

Според нив, со ваквиот однос директорката ја уништува болницата, а тоа директно се рефлектира врз пациентите.

Во писмото потсетуваат дека биле одржани средби со министерот за здравство на кои биле укажани проблемите во клиниката.  - Се депонираа 30 потписи на лекари кои бараа разрешување на директорката. Се уште се чека одговор за нејзино разрешување, велат од Лекарскиот колегиум. дма/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан