• петок, 21 февруари 2025

Јануарската сензација Борнмаут ги зеде месечните награди во Премиер лигата

Јануарската сензација Борнмаут ги зеде месечните награди во Премиер лигата

Борнмаут, 7 февруари 2025 (МИА) - Екипата на Борнмаут ги освои наградите во Премиер лигата за минатиот месец по силниот настап во јануари. Џастин Клајверт ја доби наградата за играч на месецот, менаџерот Андони Ираола е прогласен за најдобар менаџер во англиската елита, а Дејвид Брукс ја доби наградата за најубав гол.

Клајверт (25) на четирите првенствени натпревари во јануари постигна вкупно пет гола и две асистенции. Тој не успеа да постигне гол во победата од 1-0 над Евертон, но наместо тоа реализираше пенал во ремито 2-2 со Челси. Неговиот најимпресивен натпревар беше победата над Њукасл со 4-1, кога постигна „хет-трик“ и асистираше, а една недела подоцна постигна гол и асистираше за уште еден гол во победата од 5-0 против Нотингем Форест. Офанзивниот играч за врска постигна гол и асистенција во победата од 5-1 над Вест Бромвич Албион во ФА Купот, но тој меч не се смета за одредување на добитникот на наградата.

Фудбалерот ја освои наградата во конкуренција на Фил Фоден (Манчестер Сити), Коди Гакпо (Ливерпул), Дин Хајсен (Борнмаут), Александар Исак (Њукасл), Жан-Филип Матета (Кристал Палас) и Брајан Мбемо (Брентфорд). Така, тој стана осмиот Холанѓанец кој освоил месечна награда во Премиер лигата, а неговиот последен сонародник кој го направил тоа е Вирџил Ван Дајк во декември 2018 година. Клајверт е и првиот играч на Борнмут кој ја освоил наградата од декември 2023 година, кога тоа го стори Доминик Соланке.

Ираола, пак, се избори за менаџерската награда во конкуренција на Микел Артета (Арсенал), Пеп Гвардиола (Манчестер Сити) и Еди Хау (Њукасл), откако минатиот месец го предводеше својот тим до три победи и едно реми во првенството. За баскискиот стручњак ова е втора месечна награда во Премиер лигата по онаа во март минатата година. Така тој стана само втор тренер на „црешите“ со најмалку две вакви награди, а другиот е Хау, кој освои три награди во периодот од 2017 до 2018 година.

Доминацијата на Борнмаут при јануарските награди беше надополнета со Дејвид Брукс, чиј волеј во победата од 1-0 над Евертон беше избран за најдобар гол на месецот во Премиер лигата. дс

Фото: Архива

Остани поврзан