• петок, 05 декември 2025

Шикорски: Саботажата е државен тероризам, одговорот на Полска нема да биде само дипломатски

Шикорски: Саботажата е државен тероризам, одговорот на Полска нема да биде само дипломатски

Варшава, 19 ноември 2025 (МИА) - Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски изјави дека ќе ја повлече согласноста за функционирање на последниот активен руски конзулат во Полска, оној во Гдањск, како одговор на саботажата на железничката линија изминатиот викенд.

- Варшава наскоро ќе одговори на експлозијата на железничката линија, додаде шефот на дипломатијата.

- Тоа не беше само чин на саботажа, туку и чин на државен тероризам. Ќе одговориме, и тоа не само дипломатски, нагласи Шикорски пред полскиот Парламент, додавајќи дека тоа ќе се случи во наредните неколку дена.

Експлозијата викендов на линијата Варшава-Лублин, која го поврзува полскиот главен град со украинската граница, следи по бранот палежи, саботажи и кибернапади во Полска и други европски земји од почетокот на инвазијата во 2022 година.

Полска, која е центар за западната помош за Украина, тврди дека двајца украински соработници, дејствувајќи во име на Русија, а кои стојат зад саботажата, избегале во Белорусија. Според Варшава, целта била да се посее хаос во земја која дава силна поддршка на Киев против руската инвазија.

Москва ја негира одговорноста за саботажата и ја обвини Полска за русофобија.

Кремљ веќе изрази жалење за одлуката за затворање на конзулатот и оцени дека таа покажува отсуство на „здрав разум“. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан