Шефчович пред ЕП: Да работиме заедно за похрабра, поедноставна и побрза Унија
- Тоа не можеме да го постигнеме, ако не ја задржиме нашата економска предност. Затоа, за цел имаме да ја зајакнеме конкурентноста на европските бизниси и да ја зајакнеме нашата економска отпорност. Потребен ни е и здружен пристап, па затоа заедно со Програмата за работа, усвоивме визија за амбициозна агенда за нејзино спроведување и поедноставување, нагласи Шефчович.

Стразбур, 12 февруари 2025 (МИА) - Во време на раст на неизвесноста и глобалната конкуренција не можеме да продолжиме да се однесуваме како се да е вообичаено, туку ни е потребна храбра акција за зајакнување на безбедноста, просперитетот и демократијата и да одговориме на прашањата што се најважни за Европејците, порача еврокомесарот за трговија, економска безбедност, меѓуинституционални односи и транспарентност, Марош Шефчович при презентацијата на Програмата за работа на Европската комисија за 2025 година пред Европарламентот во Стразбур.
- Тоа не можеме да го постигнеме, ако не ја задржиме нашата економска предност. Затоа, за цел имаме да ја зајакнеме конкурентноста на европските бизниси и да ја зајакнеме нашата економска отпорност. Потребен ни е и здружен пристап, па затоа заедно со Програмата за работа, усвоивме визија за амбициозна агенда за нејзино спроведување и поедноставување, нагласи Шефчович.
Тој порача дека цел на ЕК е да ги поедностави правилата на ЕУ, да ги намали оптоварувањата и да ги зајакне конкурентноста, просперитетот и издржливоста во Унијата, па затоа ќе предложи поедноставување без преседан за да се создадат можности, иновации и раст.
- Нашиот неодамна усвоен Компас за конкурентност ќе ги насочува нашите напори во текот на целиот мандат за подобрување на конкурентноста на Европа, истакна еврокомесарот.
Шефчович како приоритети на ЕК за оваа година, меѓу другото, ги потенцира усвојувањето на Договорот за чиста индустрија, изградбата на Унија за штедење и инвестиции, изработката на Белата книга за иднината на европската одбрана и на Нова европска стратегија за внатрешна безбедност и имплементацијата на Пактот за азил и миграција со усвојување на нова законска рамка за депортација, како и на Европскиот столб за социјални права и Патоказот за обезбедување квалитетни работни места.
Според Шефчович, ЕК планира да обезбеди стабилна рамка за земјоделците и пакт за заштита на океаните, да ја предложи Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034, да изготви Штит на демократијата насочен кон заштита на демократијата и одржување на европските вредности, како и да ја зајакне позицијата на Европа на глобалната сцена.
- Нашиот прв и главен приоритет овде продолжува да биде поддршка на Украина онолку долго колку што е потребно. Исто така, ќе иницираме соработка со партнерските земји и региони во низа области и политики, рече Шефчович.
За таа цел тој најави и усвојување на Пакт за Медитеранот, Стратегија за Црното Море и Стратешка агенда ЕУ-Индија.
- Конечно, прегледите на политиките пред проширувањето ќе ги разгледаат последиците и влијанијата од проширувањето врз сите политики на ЕУ, ќе ги идентификуваат недостатоците во политиките и ќе ги истражат опциите за подобрување на управувањето со ЕУ и нашиот капацитет да дејствуваме брзо, додаде Шефчович.
Според Шефчович, во овогодинешната програма за работа ЕК најавува 51 нова иницијатива, од кои 11 насочени кон поедноставувањето, повлекување на 37 предлози чие усвојување е во ќор-сокак, како и укинување на четири делови од постојното законодавство на ЕУ.
- Дозволете ми да потенцирам дека усвојувањето добри закони е тимски напор помеѓу сите институции, земјите членки и клучните партнери. Треба да имаме заеднички приоритетен фокус на поедноставување на нашите закони каде што е можно и обезбедување на соодветни алатки и регулаторно опкружување за бизнисите во ЕУ со цел да останат глобално конкурентни. Заедно, на овој начин, можеме да работиме кон похрабра, поедноставна и побрза Унија, заклучи Шефчович.
Пред неговото обраќање, реагираше холандскиот европратеник Гербен-Јан Гербранди од редовите на либералната партија Демократи 66 (Д66), кој запраша зошто Програмата за работа на Еврокомисијата пред ЕП не ја презентира нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, туку еврокомесарот Шефчович.
На ваквата забелешка Шефчович одговори дека е сигурен оти Фон дер Лајен би сакала да биде на оваа дебата, но дека „има многу итни прашања, вклучително и состаноци на високо ниво“, па затоа не можела да допатува во Стразбур.
Според агендата на Фон дер Лајен за денеска е предвидено таа да се сретне со канадскиот премиер Џастин Трудо во Брисел, со кого се очекува, меѓу другото, да разговара и за одлуката на САД за воведување на царини од 25 проценти за увозот на челик и алуминиум.
Трудо за време на престојот во Брисел ќе има средба и со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. сп/
Фото: Икс