• сабота, 22 февруари 2025

Шведска влада: Џамијата во Стокхолм е платформа за иранска шпионажа

Шведска влада: Џамијата во Стокхолм е платформа за иранска шпионажа

Стокхолм, 4 февруари 2025 (МИА) - Шведската влада соопшти дека шиитската џамија во Стокхолм е платформа за иранска шпионажа против Шведска и иранската дијаспора.

„Ова е исклучително опасно“, напиша шведскиот министер за социјални работи Јакоб Форсмед на Икс.

Тој наведе дека шведската безбедносна служба проценила дека Исламскиот центар „Имам Али“ во Стокхолм го користи Иран како платформа за шпионажа и за вршење активности кои претставуваат безбедносна закана.

Форсмед додаде дека Шведска ја суспендирала сета државна парична помош за центарот и дека се во тек дополнителни процеси.

Според него, државните средства не можат да се користат за активности кои се во спротивност со темелните демократски вредности.

Исламскиот центар „Имам Али“ на својата веб-страница објави дека е независна организација без никакви врски со политички партии или држави.

„Центарот врши строг надзор за да се осигура дека нашите простории не се користат како платформа за какви било криминални активности“, се вели во соопштението, во кое се негираат тврдењата дека Центарот добива пари од странски држави.

Иранската новинска агенција ИРНА денеска објави дека Иран вчера го повикал шведскиот амбасадор во Техеран во знак на протест поради приведувањето на шефот на Исламскиот центар во Стокхолм.

„Во неговиот случај не беа почитувани дипломатските прописи, не му беше дозволено да се види со членовите на семејството или со иранските дипломати, што покренува одредени прашања и на кои ние ги изразуваме нашите приговори“, рече портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи. паг/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан