• понеделник, 29 декември 2025

Шара: Израел извезува кризи за да го одвлече вниманието од Газа, гледа духови насекаде

Шара: Израел извезува кризи за да го одвлече вниманието од Газа, гледа духови насекаде

Доха, 6 декември 2025 (МИА) – Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара го обвини Израел дека „извезува кризи“ во другите земји низ регионот со цел да го одвлече вниманието од неговите „ужасни масакри во Газа“, пренесе Тајмс оф Израел.

- Израел се обидува да побегне од ужасните масакри извршени во Газа, и тоа го прави со обид да извезува кризи, рече Шара за време на Форумот во Доха во Катар.

- Израел стана земја која е во војна против духови, тврди тој, посочувајќи дека Израел ја користи загриженоста за безбедноста и спречувањето на уште еден масакр од 7 октомври за да ја оправда секоја акција што ја презема, иако таква корелација не постои.

- Откако дојдовме во Дамаск, испративме позитивни пораки во врска со регионалниот мир и стабилност … и дека не сме заинтересирани да бидеме земја која извезува конфликт, вклучително и кон Израел, продолжи Шара.

- Но, за возврат, Израел нè пречека со екстремно насилство, рече Шара, истакнувајќи го израелскиот напад врз терористите во јужниот сириски град Беит Џин минатиот месец.

- Сирија претрпе масивни прекршувања на нашиот воздушен простор, и бевме жртви на над 1.000 воздушни напади и над 400 упади, рече тој.

Шара го повтори својот повик Израел да се повлече од териториите на Голанската Висорамнина во јужна Сирија што ги окупира од декември по падот на режимот на Башар Асад.

Тој ја изрази својата поддршка за договорот за раздвојување од 1974 година со Израел, додавајќи дека загрозувањето на тој договор „и барањето други договори како што е демилитаризирана зона … може да нè доведе до опасно место“.

Шара призна „ѕверства“ кои биле извршени против малцинствата во регионот Сувеида но инсистира дека Сирија е земја во која владее правото, кое ќе ги повика одговорните на одговорност. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан