Трамп ќе се сретне со Нетанјаху во Мар-а-Лаго за да разговараат за мировниот план за Газа
- Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на Флорида ќе го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да разговараат за следната фаза од мировниот план на Трамп за Газа.
Вашингтон, 29 декември 2025 (МИА) – Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на Флорида ќе го прими израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за да разговараат за следната фаза од мировниот план на Трамп за Газа.
Прекинот на огнот во Појасот Газа е во сила од 10 октомври, откако Израел и Хамас се согласија на „патоказ“ од 20 точки, поддржан од Вашингтон, за да се стави крај на повеќе од двегодишните борби.
Сепак, спроведувањето на втората фаза од планот, според која Хамас треба да го положи оружјето и да се распоредат меѓународни сили за стабилизација (ISF), се очекува да биде многу покомплицирано. Хамас досега ги одбиваше сите повици за разоружување.
Трамп и Нетанјаху, кои ќе се сретнат во Мар-а-Лаго по шести пат годинава, исто така се очекува да разговараат за Иран, за кој Израел тврди дека ги обновува своите резерви на ракети по меѓусебните напади на почетокот на оваа година. Двајцата лидери ќе разговараат и за Либан и Сирија, каде САД се клучен посредник во напорите на Израел за постигнување безбедносни договори со неговите северни соседи.
Нетанјаху ќе биде придружуван од родителите на последниот израелски заложник чии посмртни останки сè уште се наоѓаат во Газа. Како дел од договорот за прекин на огнот, Хамас се согласи да ги ослободи сите заложници киднапирани за време на терористичкиот напад на 7 октомври 2023 година, во замена за палестински затвореници.
Според договорот, втората фаза од мировниот план ќе стапи во сила само откако сите заложници, и живи и починати, ќе бидат вратени во Израел. јт/
Фото: ДПА